1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денот кога светот го погоди финансиско цунами

15 септември 2009

Пред точно една година (15.09.2008) големата инвестициона банка „Лиман Брадрс“ објави банкрот. Големите американски банки паѓаа едноподруго како огромни домино-коцки. Избувна финансиска криза од невидени размери.

https://p.dw.com/p/JgpZ
Седиштето на пропаднатата банка „Лиман Брадрс“ во ЊујоркФотографија: DW-TV

Во средината на септември 2008 година, два дена, зад затворени врати во седиштето на Централната банка во Њујорк, се случуваше вистинска драма. Стануваше збор не само за судбината на Вол Стрит, туку и на целиот финансиски свет. Во главните улоги, тогашниот претседател на Њујоршката централна банка, Тимоти Гајтнер, тогашниот министер за финансии на САД, Хенри Полсон и најважните луѓе на американскиот финансиски сектор, односно шефовите на банките „Голдман Сакс“, „Морган Стенли“, „Мерил Линч“ и „Лиман Брадрс“. Во нeделата вечерта, на 14 септември, падна договорот: за да се избегне сигурна пропаст, „Мерил Линч“ ќе и‘ биде продадена на „Бенк оф Америка“.

Lehman Brothers
Фотографија: AP

А тогаш во ноќта од недела кон понеделник следуваше нов шок. Објавено е дека инвестициската банка „Лиман Брадрс“ по 158 години постоење оди во стечај. На американските берзи се создаде хаос. Во понеделникот, на 15 септември, веќе на самото отворање на берзата, индексот „Дау Џонс“ падна за 300 бодови. Мрачните вести едноставно се нижеа една по друга. Алан Валдес кој работел на берзата повеќе од 20 години, тој историски ден за една американска телевизија коментираше:

„Никогаш досега не сум ја доживеал берзата во ваква состојба. Ако некој ми кажеше дека ќе дојде ден кога веќе нема да постои ’Мерил Линч’ немаше да му верувам. Ова што се случува сега овде, ќе влезе во историјата.“

Пропаст на банка поради навреден министер?

Но зошто американската влада допушти да пропадне „Лиман Брадрс“, кога само половина година претходно од сигурна пропаст ја спаси банката „Беар Стернс“? На Вол Стрит кружи неофицијална верзија на одговорот на тоа прашање. Имено, во летото 2008 година, на вечера се сретнале тогашниот министер за финансии Полсон и шефот на „Лиман брадрс“ Ричард Фулд. Се говори дека Полсон на Фулд му давал упатства за спречување на кризата, на што Фулд одоговорил дека нему совети не му се потребни. Полсон се навредил, што, пак, довело до тоа на банката да и‘ биде ускратена државната помош кога и‘ била потребна, тврдат упатените. Шерин О’Халоран, професорка по политичка економија смета дека с‘ржта на проблемот не биле толку споменуваните лоши хипотеки, бидејќи, како што вели, други банки успеале да го решат тој проблем:

„По пропаста на „Лиман брадрс“ банките престанаа да си позајмуваат пари едни на други, бидејќи постоеја сомневања околу нивната ликвидност.“

Börsenparkett an der Wall Street
Фотографија: AP

Довербата на пазарот на капитал беше разнишана. Катастрофата веќе не можеше да се запре. Во вторникот, на 16 септември и осигурителната куќа „АИГ“ се најде пред стечај. Американската влада го спаси овој концерн со државна помош од 85 милијарди долари. Берзанскиот работник Артур Кешин се присетува дека на Вол Стрит тогаш се говорело дека владата добила телефонски повици од најважните финансиски метрополи во светот, Токио, Франкфурт, Париз, Лондон и наводно сите побарале интервенција на државата, зашто „АИГ“ е вклучен во бројни меѓународни зделки. „Ако допуштите да пропадне, ширум светот ќе избие хаос“, предупредиле финансиските стручњаци. Спасувањето на „АИГ“ до денес чини 182 милијарди долари.

Експертите скептични дека банките научиле нешто од кризата

Корените за најголемата финансиска криза што во последниве 80 години го погоди светот треба да се бараат во 90-те години кога тогашниот американски претседател Бил Клинтон објави дека секој Американец има право на сопствена куќа. Каматите за станбените кредити во тоа време беа многу ниски. Стотици илјади луѓе потпишаа хипотекарни договори, за по неколку години да сфатат дека не се во состојба да ги враќаат парите. Цените на недвижнините паѓаа, а банките не можеа да ги наплатат своите хипотеки. Се разбира, тоа не беа единствените ризични зделки на пазарот на капитал. Ги имаше многу повеќе.

AIG Gebäude in New York
Фотографија: AP

Но денес, една година подоцна, се наметнува прашањето: Дали инвеститорите, политичарите и банките научија нешто од кризата? Професорката Шерин О’Халоран е скептична: „Кога станува збор за нивното однесување, одговорот е јасен: не, бидејќи искушението се’ ште постои. Имено, банкарите и натаму добиваат милионски премии за брзо остварени добивки.“

Автор: Јенс Корте / Мирјам Браун / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска