1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денот кога започна прогонот на Евреите

Марк фон Липке/Б. Георгиевски1 април 2013

На 1. април 1933 година националсоцијалистите започнаа со прогон на Евреите во Германија. На денешен ден започна бојкотот на еврејските продавници и бизнисот со Евреите, а следеше и воведување на т.н. Ариевски параграф.

https://p.dw.com/p/187g0
Фотографија: picture-alliance/dpa

Беше сабота 1. април 1933 година. Пред еврејските продавници, адвокатските канцеларии и лекарските пракси стоеја мажи во кафени униформи. Беа тоа припадниците на нацистичкиот „Јуришен одред“- СА. Им се закануваа на сите кои сакаа да влезат во еврејските продавници. На таблите кои ги донесоа пишуваше: Германци! Одбранете се. Не купувајте кај Евреите!“ Не беше тоа никаква првоаприлска шега. На тој ден започна бојкотот на Евреите по што ќе уследи и нивниот прогон.

Адолф Хитлер уште во 1920-те години фанатично бараше да се реши „еврејското прашање“. Сега беше во можност на своите следбеници тоа и да им го овозможи. Хитлер од 1933 година во Германија имаше целосна власт, стана диктатор. Темелните права од Вајмарскиот устав беа ставени вон сила, а со донесувањето на т.н. „закон за полномошно“ владата без никаква контрола можеше да спроведува самоволие.

Прогон на сите „предавници“

Нацистите тоа го искористија за најпрво да ги прогонуваат политичките непријатели, а потоа се свртеа и против Евреите. Тие беа непријателите на „ариевската раса“ кои требаше да бидат искоренети. Бојкотот на Евреите беше најавен во весниците на цел глас. Во некои места, како во Анаберг во Саксонија, припадниците на СС на луѓето кои излегуваа од еврејски продавници им ставаа печати на лицата на кои пишуваше „Ние сме предавници, купувавме кај Евреите“. Евреите беа шокирани и реагираа со неверување. Еден еврејски трговец во Берлин во излогот на својата продавница стави натпис со заслугите кои како германски војник ги добил во Првата светска војна. „Четири години го ставав својот живот на коцка за Германија“, пишуваше на натписот. За мнозинството Евреи 1. април 1933 година беше почеток на крајот на илузиите дека ќе бидат прифатени како луѓе, со еднакви права како и Германците.

Deutschland Geschichte Bildergalerie Juden in Berlin SA Hetzmarsch 1938
Фотографија: picture-alliance/akg

Седум дена по „бојкотот на Евреите“ нацистите презедоа нов чекор. Беше донесен „Закон за повторно воведување на статус државен службеник“ со дискриминирачки параграф: „службениците кои не се од ариевско потекло одат во пензија“. Со тоа беше повлечена јасна линија меѓу „Германците ариевци“ и помалку вредните Евреи. Оние кои сакаа да бидат државни службеници мораа да докажат дека никој во нивното семејство нема еврејско потекло. Нацистите на тој начин го усвоија првиот расистички закон за време на своето владеење.