1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денот „Д“ во Америка

Ана Енгелке4 ноември 2008

Гласањето е во полн ек. Изборите почнаа со победи на Барак Обама во првите две општини во Њу Хемпшир. Но, фаворитот мораше дa се соочи со пораз на личен план: кратко пред почетокот на гласањето му почина омилената баба.

https://p.dw.com/p/FnEc
Првите гласачки места се отворија во Диксвил Ноч, Њу ХемпширФотографија: AP

На гласачките места има долги редици на луѓе кои чекаат да влезат и да го дадат својот глас за идниот американски претседател. Во САД, поради различните временски зони, гласањето започнува во различно време на различни места, па така како последни се отвораат избирачките места во Аљаска и Хаваите. Но, веќе има и први резултати. Во градот Диксвил Ноч во Њу Хемпшир, кој има 60-годишна традиција да биде прв град кој гласа во земјата, победи демократот Барак Обама. Од вкупно 21 регистрирани гласачи, Обама освои 15 гласови, наспроти републиканецот Меккејн кој доби 6 гласа. Во 2004 година на пример таму победи Џорџ Буш, кога беше реизбран за претседател. Во денешното гласање во градот прв пат победува демократски кандидат по 1968 година.

Се очекува рекорден одзив

На овие избори се очекува да има незапаметен одзив на гласачите. Особено поради фактот дека се регистрирале над 135 милиони гласачи, или три четвртини од луѓето со право на глас. Повеќе од 24 милиони Американци веќе го дадоа својот глас, искористувајќи ја можноста да гласаат еден ден порано. Според излезните анкети, бројот на оние што изјавиле дека гласале за демократот Барак Обама е за еден милион поголем од оние кои го поддржаа републиканецот Џон Меккејн.

USA Präsidentschaftswahlen Wähler vor Wahllokal
Поради рекордниот број регистрирани гласачи има долги редици пред изборните местаФотографија: AP

Двајцата кандидати веруваат во победа

И покрај тоа што според испитувањето на јавното мислење Обама има голема предност пред Меккејн, републиканецот не се откажува. Според пораките во последните настапи од кампањата, и двајцата кандидати изјавија дека веруваат во победа. Барак Обама кој на последниот ден од кампањата беше и во Флорида, порача: „Не смееме да попуштиме. Ниту една минута, ниту еден час, ниту една секунда. Тоа не е добро, особено сега кога волку многу работи се во игра. Мора да победиме на овие избори!“ Меккејн од Пенсилванија пак вчера возврати:„Има само уште еден ден до моментот кога ќе ја поведеме Америка во друга насока. Ќе победиме со ваша помош. Тропајте на вратите, земете го соседот со вас на гласање. Потребни ми се вашите гласови“, повика Меккејн.

Тажна вест за Обама

На само неколку часа пред почетокот на гласањето, дојде и една тажна вест за Барак Обама. Неговата омилена баба Медлин Дунам ја загуби битката со ракот и почина. За неа, тој дури и ја прекина предизборната кампања за последен пат да ја посети додека лежеше во постела. Таа нема да дознае дали нејзиниот внук денеска ќе биде избран за 44-от претседател на САД и за прв афро-американец на таа функција.

Barack Obama mit seiner Großmutter Madelyn Lee Payne Dunham
Бабата Медлин не дочека да види дали внукот ќе стане претседател на САДФотографија: AP

Првичните резултати се очекува да ги објават поголемите американски телевизии уште во текот на ноќта по средно европско време.