Денеска ќе се утврди редоследот на изборните листи
24 февруари 2013Општинските изборни комисии утврдените единствени листи ќе ги огласат најдоцна 25 дена пред денот определен за одржување на изборите, односно на 26 февруари до сите населени места и на избирачките места во општината, односно во Градот Скопје. Утврдените листи на кандидати во општините во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот се објавуваат покрај на македонски и неговото кирилско писмо и службениот јазик и писмо што го употребуваат граѓаните во таа општина.
До 8 март треба да заврши задолжителната едукација на членовите на општинските изборни комисии, а од 1 до 21 март општинските изборни комисии ќе организираат, вршат и спроведуваат едукација на членовите на избирачките одбори според Планот и Програмата на ДИК. Изборната кампања започнува 20 дена пред денот на изборите, односно на 4 март на полноќ и завршува на 22 март. Во првиот и вториот круг на гласање кампањата не смее да трае 24 часа пред денот на изборите и на денот на изборите.