Денеска деблокирање на помошта за Грција
2 јули 2011Првобитно министрите за финансии на земјите во кои се употребува заедничката европска валута имаа закажано вонреден состанок за утре во Брисел. Тие покрај одлуката за исплатата на траншата од 12 милијарди евра од актуелната програма за финансиска помош на презадолжената Грција, требаше да расправаат и за планираниот втор пакет мерки за спас на Атина од банкрот, кој треба да опфаќа до 120 милијарди евра.
За новиот пакет помош за Грција ќе се расправа на 11. јули
Претседателот на Еврогрупата, премиерот на Луксембург, Жан Клод Јункер, меѓутоа одлучи најнапред преку видео-конференција да биде донесена одлуката за исплата на траншата од 12 милијарди евра, која и’ е итно неопходна на Грција. За новиот пакет со мерки за финансиска помош министрите ќе разговараат на нивниот редовен состанок на 11 јули. Грчкиот парламент во средината на неделава го одобри спроведувањето на новата владина програма за штедење и приватизација на државната сопственост во Грција.
Со тоа беше исполнет условот поставен од другите членки во Еврозоната за исплатата на кредитната транша. Грција има потреба од 12 милијарди евра од петтата транша од лани одобрениот тригодишен спасувачки пакет во вкупна вредност од 110 милијарди евра, за да не западне во инсолвентност.
Папандреу: На ред е Европа да помогне
Грција го заврши својот дел и сега Европската унија мора да обезбеди нови заеми за спас, порача вчера грчкиот премиер Јоргос Папандреу, по повеќедневните демонстрации во Атина и жестоката политичка борба во парламентот. „Грција, исправена пред тешкиот предизвик, го заврши својот дел од работата, сега е време Европа, па и светот да го исполнат својот дел“, изјави Папандреу на собир на владејачката партија ПАСОК.
Автор:СН/ТТ/дв/миа/макфакс
Редактор:Трајче Тосев