1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демонстрации против тероризмот ширум Русија

7 септември 2004
https://p.dw.com/p/AcLO
Фотографија: AP

“Како христијанка би требала да им простам на тие злосторници, но чувствувам само гнев“ изјави денеска една 75-годишна учителка на протестниот собир против тероризмот во Москва. Еден 17-годишен студент по информатика пак додава дека Русија мора да се бори против екстремистите со студена глава и без чувства. "При тоа имам полна доверба во Путин" – вели тој.

Шефот на Кремљ денеска повторно решително одби да преговара со чеченските сепаратисти. Во разговорот со странски новинари, Владимир Путин праша: “Зошто да преговараме со убијци на деца? Зошто никој не го покани Осама бин Ладен во Брисел или во Белата куќа, не разговара со него, не му го даде тоа што го бара за да може да си замине во мир?“

Во телефонски разговори Путин доби решителна поддршка од повеќе светски политичари во борбата против тероризмот. Така британскиот премиер Тони Блер по разговорот соопшти дека му понудил на рускиот претседател соработка, нагласувајќи дека таквиот вид на тероризам може да ја погоди секоја земја. И Пакистанскиот претесдател Первез Мушараф се обврза на соработка со Русија во искоренувањето на меѓународниот тероризам. При тоа е договорено посебно внимание да се води за пресекување на финансиските извори за терористичките организации.

Во меѓувреме не само руските тајни служби, туку и германските разузнавачи тврдат дека најверојатен организатор на нападот врз училиштето во Беслан е чеченскиот топ-терорист Шамил Басаев. Тој и неговите соработници се веројатно организатори и на уривањето на двата руски авиона, како и на самоубиствениот напад на московското метро. Во која мера во сето е вмешана и организацијата на Осама Бин Ладен, тешко е да се утврди, посочуваат разузнавачки извори во Германија.