1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демонстрации во Киргистан

3 ноември 2006

Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер денеска, во рамките на трунејата во државите од Централна Азија, се очекува да допатува во Киргистан. Се очекуваат разговори за економската и политичката соработка. Меѓутоа, политичката ситуација во земјата одамна е затегната и влегува во нова криза: илјадници граѓани се собраа на демонстрации во главниот град Бишкек против претседателот

https://p.dw.com/p/Adw6
Идиличен пејсаж во Киргистан на езерото Лон-Кул, но во главниот град Бишкек врие.
Идиличен пејсаж во Киргистан на езерото Лон-Кул, но во главниот град Бишкек врие.Фотографија: AP

Курманбек Бакиев.

Бакиев во минатата година беше избран за претседател со големо мнозинство во таканаречената „револуција на лалињата„ со која неговиот претходник Аскар Акаев беше протеран од власта. Опозиционото движење „За реформи„ бара неодложна реформа на уставот со која ќе се ограничи власта на претседателот, а ќе се зголеми онаа на парламентот и владата која досега ја формираше претседателот. Демонстрантите му префрлуваат на Бакиев дека не ги одржал изборните ветувања за повеќе демократија. Мелис Ешимканов, пратеник и лидер на опозицијата за причините за демонстрациите вели:

„Ние рековме дека сме разочарани што не се исполнети нашите очекувања. На 24 март минатата година се подигна народот. Политичките сили не беа лично против Акаев и неговиот режим, туку сакаа промена на системот кој се дави во корупција, воден од кланови и во кој доминираше самоволието на владејачките структури. Сакаме слобода во буквалната смисла на зборот. Работите се развија така што Бакиев сосема случајно беше тука. Нашето разочарување не може да се изрази со зборови„.

Претседателот Бакиев во четвртокот за еден руски ТВ канал изјави:

„Отворено речено имаме работа со борба за власт. Доволно сме силни, а органите на редот се подготвени, подеднакво и армијата. Луѓето сакаат нормален, мирен живот. Сакаат да работат. Интересот на странските инвеститори за Киргистан е голем. Економијата овозможува странски инвестиции. Кој може да е против тоа? Во никој случај нема причини за загриженост„.

Поради демонстрациите, илјадници полицајци и војници се префрлени во главниот град Бишкек. Меѓу граѓаните владее страв од судири, но досега демонстрациите минуваат мирно. Премиерот Феликс Кулов напоменува:

„Морам диреткно да соопштам дека ние не сме Европа. Нема да дозволиме никакви безредија, како во Унгарија или во последно време во Франција. И покрај емоциите, нашите луѓе се толерантни. Можат остро да го критикуваат раководството, но се придржуваат кон културата на дијалог„.

Во Киргистан, за влијание се борат САД и Русија. Обете земји таму имаат воени бази. И покрај демонстрациите, засега останува планот на министерот Штајнмајер да ја посети оваа земја.