1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демонстрантите во Иран се упорни

18 јуни 2009

Раководството во Иран се жали на мешањето од странство во внатрешните работи на земјата. Беа повикани амбасадорите на повеќе странски држави, меѓу нив и Германија, а дополнително е засилена и цензурата врз печатот.

https://p.dw.com/p/ISfi
Фотографија: AP

Властодршците во Техеран и понатаму мораат да ги гледаат протестите на масите луѓе по улиците, кои извикуваат погрдни зборови на нивна сметка: убијци, фалсификатори на избори, диктатори. Опозицијата ќе протестира, како што најави, се‘ додека не се одржат нови избори.

Вистината стигнува преку аматерски снимки

Најнови аматерски видеоснимки се објавени преку интернет платформата Јутјуб. Горат контејнери, подигнати се барикади. Снимките очигледно се направени ноќеска и утрово. Воената полиција грубо се справува со демонстрантите. Вчера на улиците на Техеран излегоа илјадници приврзеници на опозициониот водач Мир Хусеин Мусави. Тие не се повинуваат на забраните за демонстрации, протестираат против претседателот Махмуд Ахмадинеџад и покрај предупредувањата на духовниот водач Хамнеи.

Забрана за снимање

Iran Proteste Wahlen Reaktionen Demonstration
Илјадници демонстранти и покрај забранитеФотографија: AP

Извештаите на странските новинари се поткрепуваат на ваквите аматерски снимки, зашто официјално не смеат да снимат ништо. Сликите од судирите, како на пример во Исфахан, веројатно никогаш нема да стигнат до гледачите на иранската телевизија, но сепак доаѓаат до корисниците на интернет. На државната телевизија за претседателските избори зборуваше министерот за внатрешни работи Садег Махсули.

Тој зборуваше за голема пресвртница во 30-годишната историја на исламската револуција, за успех на иранската демократија, која западните земји нема да ја толерираат. Опозициониот водач Мусави, пак, ги користи помалку цензурираните страници на интернет и ги повика своите приврзеници и натаму мирно да демонстрираат.

Некои играчи на иранскиот национален тим, кои на квалификациите за Светското првенство во фудбал играа против екипата на Јужна Кореја, околу рацете носеа зелени ленти, бојата на опозицијата.


Автор: Шуберт Себастијан / Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска