1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Делумно отворање на Мијанмар за странска помош

Бернд Муш Боровска13 мај 2008

Денеска во Брисел се среќаваат европските министри за развојна помош. Главна тема е помошта за населението на Мијанмар, што тамошната хунта ја блокира повеќе од една недела.

https://p.dw.com/p/Dym6
Потребна е итна помош: мајка со бебе во прифатилиште во градот РангунФотографија: AP


Германската министерка за развојна помош Хајдемари Вичорек Цојл апелираше до Русија и Кина да овозможат зголемен политички притисок врз военото раководство на Мијанмар за да може меѓународната помош конечно да пристигне до загрозени подрачја што ги погоди невремето.


Утринава од Германија полета траспортен авион со постројки за прочистување вода. Според информациите од Германската техничка служба ГТЦ тие се во состојба дневно да снабдуваат со вода за пиење околу 40.000 лица. Министерот за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер утринава во Берлин ги потврди информациите и додаде:


„Со овие постројки ќе можеме да снабдуваме околу 40.000 лица со свежа вода. Ќе ги продолжиме секако и напорите да овозможиме влегување и на други хуманитарни организации од Германија во Мијанмар.“


Делумен пробив на блокадата


Пробивот во блокадата на странската хуманитарна помош го направи пратката од САД, која вчера пристигна со авион од американската воена база во Тајланд. Висок претставник на хунтата во Мијанмар официјално ја прими помошта и нагласи дека таа ќе биде распоредена што е можно побрзо до оние на кои им е најмногу потребна. Американскиот амбасадор во Тајланд Ерик Џон во таа пригода побара од воените власти на Мијанмар да овозможат пристигнување на натамошна помош од странство:


„Важно е нам и на меѓународната заедница да ни се овозможи да им помогнеме на жртвите на големата катастрофа. Светот му нуди помош на народот на Бурма во овој тежок момент. Ви ја нудиме нашата безусловна помош и пријателство.“


Помош по воден пат


Во меѓувреме беше отворено и пристаништето во Рангун за пратки од странство. Хунатата на Мијанмар, поранешна Бурма, апелираше странските држави да го користат водениот пат за испраќање хуманитарна помош. Според информациите со кои располага Светската организација за храна секој ден се неопходни 375 тони прехранбени производи за да им се помогне на загрозените. За сега по делумното отворање пристигаат само 20% од неопходната помош. ОН и’ поднесоа на хунтата и список од 60 меѓународни специјалисти кои итно треба да влезат во земјата за да му помогнат на населението. Голем број други хуманитарци чекаат и понатаму во соседните земји за да добијат виза. Многумина од оние пак кои веќе се во земјата не добиваат дозвола од воените власти да го напуштат Рангун и да се упатат во најтешко погодените подрачја.