1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Деликатна мисија на папата Бенедикт Шеснаесетти

Штефан Трендле/ Елизабета Милошевска Фиданоска24 март 2012

Папата Бенедикт Шеснаесетти е во посета на Мексико и Куба. Додека во Мексико е дочекан со раширени раце, во Куба ситуацијата изгледа поинаку -мисијата во комунистичката држава е деликатна.

https://p.dw.com/p/14Qyq
Фотографија: reuters

Стотици илјади луѓе во Леон, Мексико, го пречекаа поглаварот на Римокатоличката црква, кој не чекаше долго за да ги отвори жешките теми во Мексико. Уште по поздравот од страна на мексиканскиот претседател Фелипе Калдерон, папата Бенедикт Шеснаесетти ги отвори темите - борба против дрогата и иселување од земјата, а се заложи и за религиозна слобода.

За прашањата на црквата и моралот, Папата зборуваше и за време на брифингот со новинарите, за време на летот кон Мексико. „Црквата мора постојано да се прашува дали прави доволно за социјална праведност на овој голем континент. Тоа е прашање на совест што мора секогаш да си го поставуваме“, изјави Бенедикт Шеснаесетти. Според него, во Латинска Америка и не само таму и меѓу католиците постои поделеност на свеста, меѓу индивидуалниот и јавниот морал. „Лично, приватно, се католички верници, но јавно одат по други патишта кои не ги следат големите вредности на евангелието. А тоа е неопходно за да се создаде праведно општество“, изјави поглаварот на Римокатоличката црква.

Warten auf den Papstbesuch in Kuba
Фотографија: picture-alliance/dpa

По прашањето на праведноста Папата се изјасни и за случајот Куба, која е на агендата на неговата турнеја. Претпазливо, но недвосмислено Папата пред новинарите рече: „Денес е јасно дека марксистичката идеологија веќе не соодветсвува на реалноста. Врз таа идеологија веќе не може да се гради општество. Со многу трпение треба да се најдат нови конструктивни модели. Сакаме да помогнеме во овој процес, во духот на дијалогот.“

Токму тој дијалог со режимот во Куба ја прави деликатна посетата на Бенедикт Шеснаесетти на комунистичката земја. Од една страна, Папата мора да ја зајакне улогата на црквата, а од друга страна да даде поддршка за опозицијата во Куба, иако досега не е планирана средба со дисиденти. По прашањето на човековите права, тој рече: „Јасно е дека црквата секогаш стои на страната на слободата и на совеста.“