1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Декларацијата на Тачи нема тежина?

30 јануари 2012

Што се крие зад проектот „самоодржливост на Косово“ и што е целта на политичката декларација потпишана во петокот во Приштина? Меѓу потписниците не се лидерот на движењето „Самоопределување“ и заменик премиерот Петровиќ.

https://p.dw.com/p/13swn
Декларацијата на Тачи е за домашна употреба, коментираат за Дојче веле познавачите на приликитеФотографија: picture alliance/dpa

Политичката декларација за крајот на надгледувањето на независноста, којашто во петокот (28.01) ја потпишаа премиерот на Косово и повеќето опозициони лидери во Приштина, без Албин Курти од движењето „Самоопределување“, но и без заменик премиерот Слободан Петровиќ, кој присуствуваше на собирот, е „претстава за домашна употреба“, толкуваат за Дојче веле аналитичари и познавачи на приликите.

Политичката декларација, како што пренесуваат некои од косовските медиуми, содржи две точки. Во првата лидерите издразуваат поддршка и посветеност за постигнување на брз, целосен и успешен напредок кон завршувањето на надгледувањето на независноста. Се изразува подготвеност за исполнување на предусловите што вклучуваат потребни уставни и законски промени.

Karte von Kosovo topographisch
Декларацијата има за цел ставање крај на надгледуваната независност на КосовоФотографија: AP GraphicsBank

Во втората точка Владата на Косово се повикува, во консултација со парламентарните партии, претставниците на Меѓународната управувачка група и меѓународниот цивилен претставник, приоритетно да подготви и спроведе неопходни уставни и законски амандмани.

Во потпишаната декларација лидерите изразија подготвеност за исполнување на сите обврски од планот на Ахтисари, којшто е наведен како потреба за постигнување на наведената цел – крај на надгледуваната независност.

Не постои проект за самоодржливост на Косово?

Зошто декларацијата не ја потпиша Слободан Петровиќ, кој е заменик премиер и министер за локална самоуправа, и кој беше присутен? Од Самостојната либерална партија никој не сака да коментира. Петровиќ, кој во исто време е и претседател на оваа партија, службено отпатувал во САД.

Rada Trajkovic
За пратеничката Рада Трајковиќ проектот за самоодржливост на Косово не постоиФотографија: DW

Рада Трајковиќ, пратеничка во косовското собрание од редовите на „Единствената српска листа“, смета дека оваа декларација нема некоја тежина. Трајковиќ верува и дека проектот за самоодржливост на Косово воопшто и не постои.

„Времето ќе покаже дека токму поради таа неодржливост ќе се бараат во перспектива, можеби за десет или повеќе години, некои нови решенија што ќе подразбираат некој нов статус во рамките на просторот на бившата Југославија, којшто би му помогнал некако тој простор да се вклопи и да се бори за некаква самоодржливост или да му помагаат да биде самоодржливо. Тука, пред се’, мислам на Србија, а нормално и на останатите земји во регионот“, вели Рада Трајковиќ.

САД, а не Питер Фејт, ја надгледуваат независноста

Од друга страна, политичкиот аналитичар Неџмедин Спахиу вели дека премиерот Тачи со овој собир „сакал да оствари некоја друга цел“. Тој, според неговото мислење, ги собрал лидерите на опозицијата за да направи раздор меѓу нив. Тачи пред се’ за најопасен ривал го смета движењето „Самоопределување“, но и Демократскиот сојуз на Косово и Алијансата за иднината на Косово.

„Тоа е суштината зошто ги собра политичките лидери и наводно ги повика да потпишат документ, којшто не верувам дека има некакво значење“, појаснува Спахиу.

Pristina Kosovo
Од Приштина се очекува трајно да го заштити српското население, а од Србија да не се меша во КосовоФотографија: picture-alliance/dpa

Спахиу вели и дека нема да биде голема штета за Косово ако си заминат претставниците на меѓународната заедница, бидејќи „косовската независност и до сега ја надгледувале САД и нивната амбасада во Приштина, а не преку Питер Фејт и неговата канцеларија на Косово“.

Се‘ додека има наклонетост на САД кон регионот и Косово, Косово ќе биде под контрола, така што нема себе си да си допушти да направи некоја глупост или да ги наруши редот, мирот и политичките процеси на Балканот. Меѓународната мисија одигра повеќе формална, отколку суштинска улога“, нагласува Спахиу.

Шанса за амнестија на Слободан Петровиќ

Двајцата соговорници се согласуваат дека непотпишувањето на декларацијата од страна на Петровиќ има „маркетиншки карактер“. Трајковиќ вели дека тоа е „повеќе реклама, бидејќи Петровиќ, откако во косовскиот парламент дојде ’Единствената српска листа’, имал проблеми со народот, па сега сака да докаже дека е против независноста на Косово, а всушност не е така“.

Премиерот Тачи му даде шанса, сметаа таа, „ да го амнестира тоа да не го потпишува, а и онака ќе го спроведува сето она што тие ќе го зборуваат и прават“, вели пратеничката Трајковиќ.

Kosovo Slobodan Petrovic in Tirana
Петровиќ по непотпишувањето на декларацијата заминал во САДФотографија: DW / Arben Muka

Спахиу верува дека Петровиќ со непотпишувањето на декларацијата всушност само одиграл политичка игра.

„Тој всушност не ја ни потпиша независноста, меѓутоа со самото учество во владата и институциите на Косово нејзе и ја признал. Треба да се разбере дека српската заедница на Косово повеќе и’ верува на меѓународната заедница, отколку на косовските Албанци. Разбирливо е тоа што тој не ја потпиша декларацијата, макар што е свесен дека тука улога не игра меѓународната канцеларија, не повеќе од американската амбасада, во која тој има силна поддршка“, вели Спахиу.

Косовските институции до крајот на годината ќе бидат подготвени да одговорат на предизвикот, за да може меѓународната заедница да донесе одлука за бришење на префиксот „надгледувана“ пред независноста. Од Приштина се очекува трајно да го заштити српското население, а од Србија да се воздржи од мешање во Косово, оцени Управувачката група за Косово.

Автор: Рефки Алија / Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска