1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дедо Мразовци за парче леб

31 декември 2009

До минатата година скопскиот плоштад беше преплавен од Дедо Мразовци. Од годинава градските власти издаваат лиценци па бројот е ограничен. Повеќето од нив не кријат дека причината е социјална

https://p.dw.com/p/LFyc
Кинеските Дедо Мразовци се под вода, а македонските на плоштадот во СкопјеФотографија: AP

На скопскиот плоштад подароци делат и желби исполнуваат петмина дедомразовци. Распоредени околу елката украсена за Нова Година со пакетчиња в раце ги повикуваат децата да се фотографираат со нив. Тоа задоволство на најмалите, родителите ги чини 200 денари. За фотографија со Дедо Мраз и за новогодишно пакетче не е многу, вели една мајка и му го подава синчето на Дедо Мраз кој со детето в скут седнува на импровизираната санка што ја влечат елени. Во истовреме на само два метри понатаму истата глетка. Родителите го храбрат своето дете да се фотографира со старецот со бела брада што доаѓа од далеку и носи подароци.

Причината е социјална

Скриени зад вешто сошиените бради и црвените наметки тешко е да се оцени кои се луѓето што преживуваат глумејќи го добродушниот старец. Дојче Веле ги праша дали работата ја избрале од љубов кон најмалите или на плоштадот ги довела судбината. Повеќето од нив не кријат дека причината е социјална, се маскираат за да заработат.

Skopje Zentrum
Плоштадот „Македонија“ во СкопјеФотографија: DW

“За парче леб“.

Не се многу разговорливи, а нивните приказни се доста слични. Фирмите во кои работеле пропаднале тие останеле без работа, морале да бараат алтернатива.

“Работев во Караорман, не истераа и останав бев работа. Сега трчаш молиш деца“

Годинава многу послабо се заработува

Се снаоѓа кој како умее. До минатата година плоштадот беше преплавен од Дедо Мразовци. Од годинава градските власти издаваат лиценци па бројот е ограничен. Конкуренцијата е помала но луѓето имаат помалку пари така што заработката е иста дури и помала од порано.

“За разлика од другите години многу послабо. Не се се заработува добро затоа што луѓето немаат пари“.

Главен недостиг на оваа професија која освен мрзнењето на плоштадот има и привилегија да се работи со деца е тоа што станува збор за сезонска работа. Кога ќе завршат празниците работа нема. Но дедо мразовците не ги обзема малодушност. Еден од нив духовито ни одговара на прашањето колку долго ја работи оваа работа и од каде доаѓа.

“Од Лапонија, секоја година доаѓам со најубавата санка директно во Скопје. Така преку 400 години.“

Автор: Горан Петрески

Редактор: Борис Георгиевски