1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Деветта победа во деветтиот натпревар

8 октомври 2011

Германската фудбалска репрезентација во претпоследниот квалификациски натпревар за ЕП 2012 во Истанбул ја совлада Турција со 3:1. Македонската репрезентација пак, го претрпе најубедливиот пораз во квалификациите.

https://p.dw.com/p/12oAG
Фотографија: dapd

Избраниците на селекторот Јоаким Лев ја остварија и деветтата победа во деветтиот натпревар од квалификациите за Европското првенство во фудбал кое наредната година ќе се игра во Полска и во Украина. Иако Германија уште во минатиот натпревар го обезбети пласманот на првенството, и на натпреварот на „жешкиот“ терен во Истанбул германските фудбалери покажаа кој доминира во групата А .

Головите за германската репрезентација во суверената победа над Турците ги постигнаа Марио Гомез, Томас Милер и Бастиан Швајнштајгер од пенал. Кусо надеж на Турците им даде голот на Хакан Балта за 2:1.

Mazedonien Fußball Tainer John Toshack Pressekonferenz in Skopje
Избраниците на новиот селектор на Македонија, Џон Тошак, загубија со 4:1Фотографија: P.Stojanovski

Германија посакува беспрекорен биланс во квалификациите и за таа цел треба да ја победи Белгија во последниот квалификациски натпревар кој ќе се одигра наредната недела во Диселдорф. Белгија е втора во групата А, по вчерашната победа над Казахстан со 4:1 и потребна и‘ е победа против Германија за да обезбеди пласман во баражот, со оглед дека Турција, која во моментов би требало да има лесна задача против Азербејџан, во последниот квалификациски натпревар ќе игра на домашен терен.

Македонската репрезентација која се натпреварува во групата Б пак, го претрпе најубедливиот пораз во квалификациите на гостувањето во Ереван против одличната Ерменија. Избраниците на новиот селектор Џон Тошак загубија со 4:1 и со 7 бодови се заковани на претпоследното место на табелата. Ерменија пак, во директен дуел со Ирска во последното коло може да обезбеди и бараж.

Автор: Симе Недевски/ЕМФ/дв/мф

Редактор: Елизабета М. Фиданоска