1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

170409 Stasi Albanien Euranet

22 април 2009

Колку долго може комунистичкото минато да ја оптоварува сегашноста на некоја посткомунистичка земја?Дали актите на службите за безбедност да се отворат или да му се препуштат на минатото? Албанија нема единствен одговор.

https://p.dw.com/p/HbQa
Тајните акти на СигуримиФотографија: Aida Cama

Албанскиот уметник Макс Вело се обидува да ја обработи својата траума од комунистичкиот затвор со редица црно-бели цртежи. Во 1978 тој беше осуден на 10 години затвор поради пропаганда, 250 негови дела, кои го прикажуваат западниот начин на живот беа спалени, а неговите збирки, списанија и книги беа конфискувани.

„Службата за безбедност знаеше се’, што имам дома во фиоките. Тогаш канев пријатели, за да им ги покажам моите дела, а тие потоа ме поткажале. И сопругата ме поткажувала. Таа се појави како сведок пред судот, заедно со 13 мои колеги - уметници. Мора да сфатите, тогаш многумина луѓе беа наклонети кон шпионирање“, кажува Вело.

„Сигурими“ се’ уште не расветлена приказна

Службата за безбедност „Сигурими“ беше најдобро организираниот и најдобро функционирачки инструмент во комунистичка Албанија. Нејзината испреплетеност во населението беше извонредно добра. Се зборува дека секој трет жител бил шпион - попрецизни бројки нема, оти „Сигурими“ е се’ уште нерасветлена глава од периодот на диктатурата. Нејзината сенка остана присутна во животот во Албанија и по пресвртот, но во друга форма, вели публицистот Фатос Лубоња, кој си постави за задача - расветлување на минатото.

Stasi Albanien Serie
Спалени се многу книги и дела кои не биле по мерка на режимотФотографија: DW / Carma

„Кога дојде новата политичка класа, дел од неа имаше неславно минато поради активност кај тајната служба. Морално, тоа беше сомнителна политичка класа, што пак предизвика општо губење на секакви илузии. Друг аспект е дека многумина од оние, кои беа поврзани со тајната служба, со политичката промена користеа многу предности: тие имаа многу врски и информации, формираа свои мрежи и станаа нови капиталисти“, вели Лубоња.

Актите се’ уште под клуч

Во албанските медиуми постојано се појавуваат псевдоними, кои наводно ги носеле одредени политичари или други личности од јавниот живот како агенти на тајната служба. Никој не може официјално да биде обвинет, оти актите на тајната служба, и покрај безбројни дебати, се’ уште се под клуч. На крајот од минатата година во парламентот, со гласови на владеачките демократи, беше донесен закон за лустрација. Но, тој не предвидува отворање на актите на Службата за безбедност, како што е тоа, на пример, во Германија, туку станува збор само за верифицирање на минатото на одредени групи јавни личности.

Социјалистичката опозиција поднесе приговор до уставниот суд против законот за лустрација, оти го смета за противуставен и парализирачки за правосудството. Судот го суспендира законот, оти со него се предвидуваше отстранување од функциите на судии и обвинители, кои учествувале во тогашните политички процеси. Демократите ги обвинија социјалистите дека се заштитници на таквите судии и обвинители.

Tirana - Tag der Unabhängikeitserklärung vom Kosovo
ТиранаФотографија: DW

Марк Марку, професор по публицистика на универзитетот во Тирана, не верува дека двете големи партии можат да се договорат за нов закон за актите на „Сигурими“.

„Актите се користат за политички цели. Секогаш кога доаѓа до жешки политички расправи, големите политички актери меѓусебно си се закануваат со отворање на актите. Потоа, како и секогаш, темата паѓа во заборав. Никој не сака сериозно да се занимава со тој проблем“.

Албанската јавност поделена

Во меѓувреме, дебатата околу отворање на актите го подели албанското општество. Додека едните пледираат, 19 години по пресвртот, да се стави точка на минатото и сакаат погледот да се насочи кон иднината, другите протестираат и бараат отворање на актите, како нужен чекор за обработка на времето на диктатурата.

А жртвите? Како тие гледаат на дискусијата? Уметникот Макс Вело за тоа зборува од личен агол:

„Мене се’ уште ме оптоварува тоа, дека моето семејство, кое не ја ни сфати мојата уметност, тогаш страдаше поради мене. Татко ми почина кога ме осудија, сестра ми се обиде да се самоубие, брат ми го отпуштија, а беше шеф на хирургија. Ме оптоварува и фактот дека не можам да фрлам поглед врз актите за мене. Полека станува предоцна“.

Вело, на 74-годишна возраст, речиси ја загуби надежта дека ќе го доживее денот на кој актите ќе станат достапни за сите.


Автор: Линдита Арапи / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска