ДВ на македонски јазик во 2012
20 март 2012Процесот на реформи, со кои ДВ ги следи промените во медиумската сфера, за програмата на македонски јазик значи постепено, иако засега не и целосно напуштање на радиото како медиум, пренасочување кон видео- и телевизиски формати, и интернет како носечки столб во нашата стратегија.
Во радио-програмата го нудиме Утринскиот магазин, од понеделник до петок во терминот 08.30-08.45 часот, преку Првиот програмски сервис на Македонското радио. Во него информираме за најзначајните актуелни настани, ги најавуваме темите на денот, ја анализираме заднината на случувањата. Редовно имаме и теми од Македонија.
Пет пати дневно, од понеделник до петок, емитуваме и вести од по 3 минути (07.30, 09.30, 11.30, 13.30 и 15.30 часот) преку Радио Канал 77.
Радио програмите на ДВ ги преземаат и повеќе локални радио станици - наши партнери во Македонија, а се емитуваат и преку сателит.
Се е подготовено за старт на Европанорамата, неделен телевизиски магазин со прилози од општествениот живот во Европа и соседството на Македонија. Него ќе го емитуваме кај нас на интернет, како и преку телевизиски партнер во Македонија.
Во промените од аудио кон видео медиуми, интернетот останува константа во понудата на Македонската редакција на ДВ. Но, годинава тој е со сосем нов, модерен лик. Ново е и логото на ДВ, како и интернет-адресата. Сега сме уште полесно достапни: www.dw.de/macedonian
Ни останува целта што си ја зададовме - секогаш да бидете добро и објективно информирани.