1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двојното државјанство - спорна тема во Германија

Марк Ерат/Симе Недевски14 март 2013

Голем број луѓе кои се родени или пак долго време живеат во Германија, за да станат Германци по пасош, по правило мора да се откажат од матичното државјанство. Правилото меѓутоа не важи за сите.

https://p.dw.com/p/17pvo
Фотографија: picture-alliance/dpa

Илгин Дагџи е една од многуте - таа е Германка, но и Турчинка. Родителите и’ се од Турција, а таа е родена и порасна во Германија. Тука одела во градинка, основно училиште и гимназија, а наскоро ќе полага матура.

Од надлежните институции таа неодамна доби писмо во кое пишува: „Вие имате 18 години. Што сакате да бидете, Германка или Турчинка? Мора да решите.“ Лесно е да се каже.

„Турчинка сум и така се чувствувам. Но во Турција секогаш ми укажуваат дека не сум Турчинка и не припаѓам таму, веќе и со самото тоа што живеам во странство. А тука, пак, сум обележана како странец, иако имам германски пасош. Воопшто не знам како да се чувствувам. Во недоумица сум.“, вели Илгин.

Во бирократската терминологија Илгин Дагчи е „дете со опција“: до 23-от роденден мора да одбере едно од двете државјанства. Тоа не е малку време но, првобитно беше поинаку планирано.

Zum Geburtstag ausgebürgert - Die Schülerin Ilgin Dagci
Илгин ДагџиФотографија: DW

Во 1999. година владата на социјалдемократите и на зелените сакаше да го укине правото на државјанство според потеклото. Секој роден во Германија треба да биде Германец, дури и ако има уште некој друг пасош.

Двоен пасош- помош за интеграцијата?

Но, уследи кампања за собирање потписи против двојното државјанство, иницирана од Роланд Кох, кој така со ЦДУ извојува победа на покраинските избори во Хесен. Сојузната влада се уплаши и постигна компромис со демохристијаните: двојно државјанство да, но на определено време.

Денес научниците критикуваат дека од „децата со опција“ се бара да донесат тешка одлука, а многумина и не знаат што се очекува од нив. Гунила Финке од Стручниот совет за интеграција и миграција истакнува: „На крајот имаме случаи луѓе да не донесат решение до 23-та година, и присилно се отпишани од државјанство. Годинава има редици такви случаи. Тоа присилно отпишување на лица родени во Германија, кои всушност се одлучиле за Германија, е апсолутно катастрофален интеграциско-политички сигнал.“

Оваа година се засегнати повеќе од 3.000 млади луѓе, во наредните години уште десетици илјади. Вкупно, околу половина милион. Поради тоа и од германската влада се слушаат гласови кои се залагаат за воведување трајно двојно државјанство.

Ополномоштеникот за човекови права на германската влада Маркус Ленинг го критикува нерамноправниот третман: за граѓани на ЕУ и некои други земји двојно државјанство сепак е можно. Ова наидува на неразбирање и во странство.

„Се вели, вие правите разлика, дискриминирате некои луѓе. И бидејќи јас во целиот свет агитирам против дискриминација и за рамноправен третман и еднакви права на малцинствата, ми се префрла токму во тој поглед“, вели Ленинг кој и припаѓа на владејачката Либерална партија.

Тој добива поддршка од неговата партија. Сабине Лојтхојзер Шнаренбергер, министер за правда, сега дури се залага и за траен двоен пасош - тоа можело да помогне во интеграцијата на малцинствата. Меѓутоа колицискиот партнер блокира. Нема да има нови правила, особено не во случајот на германските Турци.

„Мора да биде правило дека нема двојно државјанство. Тоа носи конфликти за државата и за државјаните. Конфликти на лојалност кај двете страни“, вели Ханс Петер Ул.

„Петта колона за Ердоган“

Reisepass DE in Jeanstasche
Фотографија: Fotolia/babimu

Опозицијата го смета тоа за погрешно. Омид Нурипур, поведен од сопственото искуство, одамна бара реформа на правото за државјанство. На 15 години со семејството се преселил во Германија. Но, родниот Иран не го испишува од државјанството. Пратеникот на Партијата на зелените во Бундестагот вели:

„Јас имам два пасоша. Во германскиот Бундестаг сум претставник на луѓето во Германија, па и кога станува збор за иранската атомска програма, која преставува закана и за Германија, кристално јасно е чии интереси застапувам. Сепак навечер одам дома и слушам лоша иранска поп музика - и тогаш во тој момент сум Иранец. Каде е проблемот?“

Звучи едноставно, па сепак двојното државјанство е проблем. Канцеларката Меркел поради тоа е во долготраен клинч со турскиот премиер Ердоган, кој бара двоен пасош за германските Турци. Меркел и нејзината партија меѓутоа досега категорично го одбиваа тоа.

„Знам дека господинот Ердоган го сака токму тоа, зашто сака како петта колона во Германија да ги има повеќе милиони Турци, кои ќе ги застапуваат турските интереси. Тоа не може да биде од германски интерес“, вели Ханс Петер Ул кој е и портпарол за внатрешна политика на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ.

За Илгин Дагџи тоа значи дека мораше да се реши за едно од двете државјанства. Такво решение и’ претстои и на нејзината другарка Матеп. Илгин го одбра германскиот пасош - иако со тешко срце.