1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двоен успех на Хамбургер во првенствените дуели со Баерн

Зоран Јордановски6 март 2006

Прв пораз на Баерн на новиот стадион во Минхен, Келн „се разбуди“ по 18 кола без победа. Неуспехот на репрезентацијата - тема и на политички дебати

https://p.dw.com/p/AejC
Победнички гол: де Јонг (Хамбургер)
Победнички гол: де Јонг (Хамбургер)Фотографија: AP

Баерн го доживеа првиот пораз во Алијанц-арената – совладан е од Хамбургер, кој ги прекина сериите на Баерн од 19 последовни првенствени победи на домашен терен и 24 едноподруго средби без пораз. Голманот и капитен на шампионот Оливер Кан со нескриена лутина по средбата критикуваше зошто по израмнувањето не се настојувало да се сочува еден бод: „Штета што тактички не сфативме оти всушност еден бод ќе не водеше многу, многу поблиску до титулата. Наместо тоа, ние повторно се’ фрливме во напад и тоа не можам да го разберам. Моравме едноставно да го земеме тој бод и немаше ништо да се случи“.

Од друга страна, ова беше јубилеен, 50-ти прволигашки натпревар за Томас Дол како тренер на екипата од Хамбург, единствената која во ова првенство успеа да го совлада Баерн и тоа два пати! „Се разбира дека се чувствувам добро, тоа е јасно. Но, за мене е во прв ред важно дека ние по средбата со Штутгарт покажавме ракција. Овие три бодови се исто толку убави, како и да се донесени од кое и да е гостување“ – вели славеникот Дол.

Поразот во однос на првенството остави само гребнатинка кај Баерн и може да послужи како опомена пред реванш-средбата од Лигата на шампионите против Милан. Имено, Вердер на гостувањето во Леверкузен одигра само 1 спрема 1 со Баер, па лидерот и натаму има комотна предност од осум бодови пред Вердер и Хамбургер. „Не може да се превиди дека ние лекомислено се однесувазме со нашите шанси“ – го прокоментира пропуштеното во Леверкузен Мирослав Клозе, со 17 голови најдобар стрелец во Вердер и во досегашниот тек на првенството.

Вердер и Хамбургер „го бркаат“ Баерн, но треба да се осврнуваат и зад себе, оти на два бода разлика сега им е во пролетниот дел најуспешната екипа Шалке по победата на гости кај Хановер со 2 спрема 1. Така станува посебно интересна и борбата за второто место, кое исто така води во Лигата на шампионите наредната сезона. Инаку, веројатно никогаш тренерот на противничката - згора на тоа уште и победничка екипа, не бил посрдечно пречекан и испратен, отколку овој пат Мирко Сломка. Нему, имено, Хановер му е роден град, таму правеше кариера како фудбалер и таму му живее семејството. Петер Нојрурер, тренерот на Хановер, пак, е деклариран навивач на Шалке и во Гелзенкирхен му живее фамилијата!

Келн ќе беше екипа на неделата, да не му го „украде“ Хамбургер шоуто. По 18 натпревари без победа и очигледна и длабока криза, малку кој му даваше шанси на гостувањето кај Херта во Берлин, за која токму овој дуел требаше да биде пресвртница во исто така непријатната и долга серија од 13 првенствени, куп и меѓународни натпревари без победа. Келн слави успех од 4 спрема 2, патем – прв во Берлин по повеќе од 27 години – и одеднаш расположението се поправи, дотолку повеќе што главниот адут Лукас Подолски повторно заигра како што и се очекува од него и со два постигнати и еден подготвен гол има најголем удел во толку посакуваниот и неопходен успех. „Видете, спасот е уште многу, многу далеку, но ја забележавме првата бодовна тројка и врз тоа можат да се градат надежи“ – реално оцени тренерот на Келн Петер Латур.

Во Херта беспомошност, навивачите се бесни и бараат да си оди менаџерот Дитер Хенес, а тренерот Фалко Гец не можеше да состави реченица на прес-конференцијата по средбата: „Во моментов...сум без зборови за она што се случува...и велам, во моментов не можам да сфатам“

Победата на Келн не му ја подобри којзнае колку положбата на табелата – останува на последното место со 18 бодови, два помалку од Дуизбург, кој во Нирнберг загуби од конкурентот во борбата за опстанок со 3 спрема 0. Мајнц на гостувањето кај Борусија во Дортмунд одигра 1 спрема 1 и има 21 бод, Кајзерслаутерн, чиј дуел со Штутгарт е одложен поради изобилните снежни врнежи, има 23 бодови, Нирнбег 24. Во нешто подобра ситуација се Ајнтрахт и Волфсбург, кои имаат по 26 бодови а во меѓусебниот дуел во Франкфурт ремизираа 1 спрема 1. Арминија, која во Менхенгладбах загуби од Борусија со 2 спрема 0, има 27 бодови и го заокружува списокот на екипи кои се директно или потенцијално загрозени.

„Златната средина“ ја сочинуваат петтопласираниот Штутгарт со 33 бодови и натпревар помалку, исто толку има и Борусија (М), следува Баер Леверкузен на седмо место со 32, а Хановер, Борусија (Д) и Херта имаат по 30 бодови.

По поразот од Италија – дури и политиката се вмеша

Во Германија уште не стивнуваат бранувањата по тешкиот пораз од 4 спрема 1 и мизерниот впечаток што го остави фудбалската репрезентација на пријателската средба со Италија во Фиренца. По критиките во јавноста, копретседателот на Германскиот фудбалски сојуз Тео Цванцигер веќе втор пат демонстративно застана зад шефот на стручниот штаб на репрезентацијата Јирген Клинсман: Цванцигер не само што апсолутно исклучи можност за смена на Клинсман уште пред светското првенство, туку навести и натамошно продолжување на соработката, како што рече, „во уверување дека тој ни го носи она што ни е потребно за иднината“. Поддршка на неговиот курс за офанзивна игра и форсирање на млади играчи даде и новиот спортски директор во Сојузот Матијас Замер.

Работата, инаку, стигна дури и до највисоко политичко ниво. „Би се радувал кога Јирген Клинсман би дошол во парламентарната комисија за спорт. Ние тогаш би можеле да му ги пренесеме нашите впечатоци и да го кажеме она што луѓето веќе го зборуваат овде, а и кај мене во изборната единица“ – рече социјалдемократскиот пратеник Рајнхолд Хемкер. Негови колеги-парламентарци од ЦДУ и од либералите исто така побараа шефот на стручниот штаб на репрезентацијата да го изложи својот концепт во Комисијата за спорт на Бундестагот. Нејзиниот претседател Петер Данкерт ова го оцени како - цитат -„ракиџиска идеја“ и рече: „Ние не сме суд пред кој господин Клинсман треба да одговара“.

Вицеканцеларот Франц Минтеферинг вака ги прокоментира таквите идеи: „Тешко е тука да се даде некаков совет. Во секој случај, тука не можат да се формулираат никакви заклучоци“.

На крајот, дури и канцеларот Ангела Меркел се почувствува повикана да пресече: „Се’ ќе заврши подобро, отколку што денес мислиме. Поради тоа би требало сојузниот тренер мирно да продолжи по својот пат. Најдобро е да не дозволи ништо да не му го наруши концептот“.