1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две третини од Бугарите живеат во неподносливи услови

БГ/бета27 јули 2013

Речиси две третини од Бугарите, или околу 72 проценти, кои од почетокот на годината протестираат поради сиромаштијата и корупцијата, оценуваат дека нивната состојба е неподнослива.

https://p.dw.com/p/19FBF
Фотографија: BGNES

Според резултатите од анкетата на Институтот отворено општество, процентот од 72 отсто е рекорден во последните 6 години и повисок за 15 проценти во однос на јули 2012 година. Едвај два отсто од Бугарите ја сметаат состојбата за „нормална“, а 22 проценти за „поднослива“.

Што се однесува до економската состојба, 63 отсто од испитаниците ја сметаа за влошена во последната година, а 37 проценти очекуваат дека таа дополнително ќе се влоши.

Околу 40 отсто од испитаниците имаат повеќе доверба во европските институции, отколку во бугарските.

Според студија на синдикатот КНСБ, околу 51,7 отсто од граѓаните, односно 3,7 милиони луѓе живее со месечен приход од 310 лева (158 евра) по лице, што е далеку под просекот од 566 лева (290 евра по лице) потребни за нормален живот, а кој го остваруваат само 13,4 отсто од домаќинствата.

Што се однесува до рејтинзите на политичките партии, се води изедначена битка меѓу актуелната владејачка Социјалистичка партија и опозицискиот ГЕРБ на експремиерот Бојко Борисов. Испитаниците се поделени, 37 отсто - за, 37 отсто - против, оставка на владата на премиерот Пламен Орешарски.