1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две децении монетарна независност

Костадин Делимитов26 април 2012

На 26 април 1992 година Македонија го доби првиот денар. Денарот низ годините прерасна во стабилна валута со политиката на фиксен курс. Експертите сметаат дека НБРМ ги исполнила целите и ја задржала независноста.

https://p.dw.com/p/14l72
Фотографија: DW/Medana Weident

Дводецениската монетарна независност во Македонија не донесе којзнае каков економски раст, но обезбеди ценовна стабилност и ниска инфлација. Политиката на фиксен курс на денарот што беше утврдена со антиифлациската програма од 1993 година е клучната монетарна карактеристика до денес, што според оценките на експертската јавност се спроведува главно независно од владините политики. Универзитетскиот професор Трајко Славески во изјава за Дојче Веле оценува дека Народната банка на Македонија е институција за пример дури и за некои западни земји:

Може да се каже дека Народната банка на Македонија е понезависна во споредба со некои европски народни банки, а особено со примерот на САД, кои нели ги сметаме како репер. Малку е познато дека таму Конгресот односно конгресмените со формални и неформални притисоци имаат силно влијание врз одлуките на системот на федералните резерви. Можам да заклучам дека НБРМ беше целосно независна институција, дури и ако сакате едно мое лично мислење, можеби сметав дека таа соработка и слух за потребите на владата, особено во годините на финансиската криза 2008 и 2009 година требаше да биде поголем зашто таква соработка помеѓу централната банка и извршната власт видовме и сеуште гледаме во голем број случаи. На пример Европската централна банка, системот на федерални резерви во САД кои што масовно интервенираат со средства. Тоа кај нас се разбира од други причини не можеше да се случи, односно заради поставените монетарни политики“, коментира Славески.

Mazedonischer Finanzminister Pressekonferenz
Трајко Славески

Остварена стабилност

Со сличен став е професорот Никола Поповски кој смета дека Народната банка во основа ги исполнила целите заради кои е формирана. Обезбедила стабилност на валутата, цените и на финансискиот систем:

„Она што е интересно е што во изминативе 15 години сите гувернери без разлика од какви политички провиненции беа не ја сменија концепцијата на банката. Таа остана на политиката на ниска инфлација и фиксен курс на денарот врзан најпрвин со марката а потоа со еврото кој останува до денес и се чини дека ќе продолжи уште подолг временски период иако може некој да тврди дека таквата независна политика на банката не оствари позначаен економски раст на земјата, меѓутоа за тоа секогаш одговорноста треба да биде кај Владата, никогаш кај Народната банка, таа нема толку ингеренциии за да може тоа да го уништи или направи. И од тој агол гледано мислам дека Народната банка релативно добро и независно ја изврши функцијата иако понекогаш можеби имало мапи отстапувања на очигледно повладување од страна на банката кон владините препораки но во суштина не можеме да кажеме дека тоа беше главната политика на банката, главната беше во суштина независна“, смета Поповски.

Nikola Popovski
Никола ПоповскиФотографија: DW

ТАТ- најголема дамка

Најголем пресврт во развојот на монетарната власт, по 1992 година кога беше донесен Законот за Народна Банка беше носењето на новиот закон за НБРМ во јануари 2002 со кој се зголемени сите аспекти на независноста во нејзиното работење. Најголема дамка во работењето на монетарната власт во изминативе две децении остави финансискиот скандал со штедилницата ТАТ што беше и клучен повод за оставка на првиот гувернер Борко Станоевски во 1997 година. Следуваа скандалите со Експорт Импорт, Алмако и Радо банка во периодот на неговиот наследник Љубе Трпески кој заработи и кривична пријава. Трет гувернер, во чие време беа најизразени притисоците за девалвација на денарот беше Петар Гошев. Гувернерската палка веќе неполна година е во рацете на Димитар Богов.