1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двете страни во Сирија вршеле злосторства

ЖА/дв/ртре/дпа/афп11 септември 2013

Според сознанијата на независни експерти, сириските бунтовници, исто како и владините трупи, извршиле тешки злосторства врз цивили. Запирањето на војната во земјата е поитно од кога било.

https://p.dw.com/p/19fxZ
Фотографија: Bulent Kilic/AFP/Getty Images

Истражната комисија за сирскиот конфликт, со мандат од ОН, подигнува тешки обвинувања против двете страни за извршени тешки злосторства. Групата, предводена од четворица правници, објави извештај според кој владините трупи извршиле масивни напади против цивилното население. Обвинувањата гласат: убиства, мачења, силувања и киднапирања, дела кои се рангирани како „злосторства против човештвото“. Но, вакви дела, како убиства, егзекуции без судење, мачења и киднапирања вршеле и бунтовниците, наведуваат истражителите во последниот свој извештај со кој е опфатен периодот од 15-ти мај до 15-ти јули годинава.

„Сторителите на овие злосторства, на сите страни, го кршат меѓународното право. Тие не стравуваат дека ќе бидат повикани на одговорност. Нивното изведување пред правосудството е императив“, се наведува во извештајот на комисијата на ОН за истраги што ја предводи Бразилецот Паоло Пињеиро. Независни експерти изјавија дека добиле информации за наводно користење на хемиско оружје „претежно од страна на владините сили... Што се однесува до моментално достапните докази, не беше можно да се открие кои хемиски средства се користени... или кои се сторителите. Истрагите се во тек.“, се наведува уште во извештајот.

Тимот од дваесетина истражители извршил 258 разговори со бегалци, пребегани и други на теренот во регионот како и во Женева, со некои и преку скајп, за потребите на 11-от извештај во 2013 година. Нив никогаш не им беше дозволено влегување во Сирија и покрај повеќето барања.

Во извештајот се повикува и на постигнување политичко решение за ставање крај на сирискиот конфликт и се повикуваат и другите држави да „престанат да доставуваат оружје имајќи го предвид јасниот ризик дека тоа ќе биде користено за тешки кршења на меѓународното право“. Нападот со отровен гас во Дамаск од 21. август не беше во мандатот на оваа комисија. За него е андлежна посебната група инспектори на ОН, која ги испитуваше обвинувањата во врска со него. Се очекува нејзиниот извештај на биде готов в понеделник.