1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двете Кореи ја рестартираат индустриската зона Каесонг

ЖА/дв/ртре/дпа11 септември 2013

По пет месеци мирување, несигурност за јужнокорејските фирми и загуби на девизи за комунистичката Северна Кореја, заедничката специјална економска зона Каесонг треба повторно да почне со работа.

https://p.dw.com/p/19fkp
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Северна и Јужна Кореја се договорија заедничкиот индустриски комплекс Каесонг повторно да го пуштат во работа на 16 септември, соопшти јужнокорејското Министерство за национално обединување. До одлуката за рестартирање на комплексот се дојде по преговорите што траеле до доцна во ноќта.

Преговорите се водени од претставници на двете земји, кои влегуваат во составот на неодамна формираната заедничка комисија за управување со Каесонг. Комплексот се наоѓа на територијата на Северна Кореја. Тој беше затворен на почетокот на годината по заострувањето на односите меѓу двете земји. Пјонгјанг тогаш повлече 53.000 свои работници од Каесонг. Причината беа воените меневри на Јужна Кореја и САД, на што Пјонгјанг реагираше со воена реторика.

Сега постигнатиот договор предвидува што поскоро враќање кон нормалната работа на Каесонг и да не се дозволи тој во иднина повторно лесно да стане жртва на политичките тензии. Комплексот претставува важен извор на девизни приходи за осиромашената Северна Кореја. Истовремено, Каесонг е важен симбол на приближувањето на двете Кореи, раскарани во минатите години.