1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двајца неонацисти загинаа при напад на „Златна зора“

ЕМФ/миа/дв2 ноември 2013

Извршителите на убиството пред канцелариите на десноекстремната партија „Златна зора“ дошле на мотоцикл. Тие убија две момчиња, кои биле членови на партијата. Полицијата тапка во место.

https://p.dw.com/p/1AAXH
Фотографија: AFP/Getty Images

Грчкиот министер за здравство Адонис Георгијадис соопшти дека при атентатот во Атина се убиени две момчиња, а трето лице е тешко повредено. Двајцата напаѓачи отвориле оган кога со мотоцикл минувале покрај партиската централа на „Златна зора“, по што побегнале. Мотивите за нападот не се познати. Досега грчката полиција нема траги кои би ја одвеле до извршителите на нападот. Балистичката истрага покажа дека оружјето од коешто е пукано, автоматски пиштол од типот Застава, досега никогаш не е користен при терористички напад или грабеж, јави државното радио, повикувајќи се на извори во полицијата.

Златна зора издаде две соопштенија, обвинувајќи ги „терористите“ „анти- грчката Влада на Самарас“ и „лично“ министерот за јавен ред Никос Дендијас за смртта на своите членови. Екстремистичката партија тврди дека побарала полицијата да ги заштити нивните партиски канцеларии. Полициската заштита на Златна зора и‘ беше укината во септември, кога нејзиниот лидер Никос Михалолијакос и неколку пратеници беа обвинети дека се членови на криминална организација по убиството на раперот Павлос Фисас.

Goldene Morgenröte Athen zwei Menschen erschossen
Фотографија: AFP/Getty Images

Синоќешниот напад го осудија сите парламентарни партии, а портпаролот на Владата Симос Кедикоглу вети дека убијците ќе бидат фатени. „Нема да дозволиме државата да се претвори во бојно поле за израмнување на сметки од каков било вид“, рече Дендијас, додека во грчката јавност се стравува дека пукањето може да предизвика бран одмазднички напади.