1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Да се надминат границите и секој да си го задржи идентитетот“

15 јуни 2009

Ако треба да се мисли на иднината, и ако Грција и натаму е нефлексибилна, подбро е да се дозоволи некоја додавка во името. Ова се само дел од констациите на учесниците на 12тата ПЕН - конференција во Охрид.

https://p.dw.com/p/I9Wi
За слободата на зборотФотографија: AP

Поетите, есеистите и новелистите од светот само ја потврдија тезата дека оваа литературна асоцијација работи врз рушење на гранциите, но и зачувување на јазикот и идентитетот на народите.

За Македонија, политичарите и граѓаните спорот за името со Грција е само нешто наметнато и ирационално. Грчката непопустливост, долгите преговори под закрилата на Обединетите Нации и тивката дипломатија далеку од очите на јавноста, за сите овие години се користат во дневно-политички цели во двете земји. Македонија на секој начин се обидува да се интегрира во НАТО и ЕУ, а се’уште непремостлива пречка и е Грција.

Грција ја злоупотребува положбата

„Јас тоа силно го осудувам. Ми се чини дека Грција како членка на Европската унија ја злоупотребува положбата. Мислам дека Грција не се држи до стандардите кои и ги наметнува Унијата. Таа и внатре во својата земја покажува една нетолеранција – унифицирање, особено во односите со другите земји. Меѓународната зедница треба да покаже малку повеќе желба и да го критикува овој однос на Грција“, изјави за Дојче веле Надежда Чачиновиќ, филозоф и претседателка на хрватскиот ПЕН.

Македонскиот лобист, поетот Казимиро де Брито од Португалија е дециден : „Апсолутно имате право на името. Каде и да одам по светот , освен како претседател на португалскиот ПЕН и како амбасадор на мирот во Женева, секаде го застапувам овој промакедонски став. Добро ги познавам проблемите на Македонија со сите соседи и сите мрачни сценарија од минатото. Секогаш не размислувам само со срцето, туку и рационално гледам на проблемите.“

Антиката е наследство за човештвото

Kirche Heiliger Johannes in Kaneo, Ohrid See, Mazedonien
Охрид домаќин на ПЕН - конференцијатаФотографија: picture-alliance/ dpa

Д-р Чачиновиќ меѓу редови им порачува и на македонските политичари да запрат со пренагласеното потенцирање на врската на Македонија со Антиката. Сите имаме по нешто од Античка Грција. Тоа е наследство за целото човештво и не би требало да влезе во нечиј идентитет, вели таа: „Јас мислам дека Македонија нема потреба да го менува името. На крајот и Грција има свое име. Вие не сакате туѓо име. Една територија има своја историја и неможете така одеднаш. Но тоа не значи дека вие во македонскиот идентитет можете да вклучите се’ што претходело. Македонците се словенски народ. Мислам дека симпатично звучи приказната со Александар Велики, ама тој македонски идентитет е малку поинаков. Тоа можеби малку треба да се коригира. Вие имате право на името. Сепак не треба се’ да земате за себе.“

Надеж дека помладите генерации ќе го надминат проблемот

Грција условува од позиција на членка на НАТО и ЕУ. Ако цената за вкупниот напредок на Македонија е во името треба да се согласите со одредена додавка, смета Португалецот де Брито. „Грците се секогаш тешки. Често се нефлексибилни. Доколку и натаму Грција врши притисок за промена на името, како услов за побрзо интегрирање на земјата во евроатлантските системи, сепак би требало да направите некакви остапки. Македонија има и друг демократски проблем . Вашите политичари ќе треба да имаат подолгорочна визија за тоа како земјата ќе изгледа за десет години и дека треба да се насочат кон некои други важни прашања, освен кон името.“

Тери Карлбом од Шведска, пак, истакнува: „Се надевам дека помладите генерации ќе ги надминат овие проблеми и ќе заборават на минатото. Ригидноста ќе ја остават настрана и ќе размислуваат полиберално и со здрав разум. Кога го велам ова мислам на обете страни во Грција и овде во Македонија. Всушност тоа е и целта на ЕУ да се надминат границите, а секој да си го задржи својот идентитет. Ние како светски ПЕН сакаме да ги премостиме границите и секому му даваме право да го зборува својот мајчин јазик“.

Автор: Милчо Јовановски

Редактор: Александра Трајковска