1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да се надеваме на најдоброто, да се подготвиме за најлошото

29 април 2009

Светската здравствена организација предупредува дека вирусот на свинскиот грип може да предизвика пандемија, односно да се прошири во целиот свет. Како треба да реагира меѓународната заедница?

https://p.dw.com/p/Hfy8
Страшното е што вирусот се пренесува од човек на човекФотографија: AP/DW-Montage

Секој фармер знае дека и свињите можат да се разболат од грип. Се случува инфекцијата да се пренесе од свињите и на човекот. Ново е дека вирусот на свинскиот грип се пренесува од човек на човек. Ова вознемирува, оти новиот вирус поседува одлики на свински и човечки грип, и згора на тоа, одлики на птичји грип. Тоа е една од причините зошто дури и млади, здрави луѓе заболуваат со тешки симптоми на болеста.

Многу отворени прашања

Новиот вирус досега веројатно однесе повеќе од 150 човечки животи. Експертите не се сосем сигурни, бидејќи само во неколку случаи беше докажано присуството на вирусот Х1Н1. Воопшто, многу важни прашања во моментов се отворени. На пример, колку е заразен вирусот, односно колку брзо се пренесува од човек на човек? Дали носителот на вирусот мора и да се разболи? Дали луѓето, кои веќе прележале грип, се поимуни? Дали може да се заразат и разболат луѓе, кои веќе се вакцинирани против грип? Постоечката вакцина заштитува само од човечката верзија на вирусот Х1Н1. Колкав е ризикот да се почине од оваа болест? Толку малку се знае за новиот вирус, што е навистина тешко да се процени колку навистина е опасен. Се` додека овие прашања се отворени, здравствените експерти мораат да сметаат на најлошото. Тоа значи дека мора да претпостават оти вирусот може да предизвика светска пандемија на свински грип.

Благодарност до мексиканската влада

Schweinegrippe Großbritannen
Нејасно е колку се делотворни постоечките лекови против грипФотографија: AP

За среќа, мексиканската влада благовремено реагираше. Училиштата, универзитетите, театрите и музеите се затворени на неодредено време. Од дваесетте милиони жители на Мексико Сити владата побара да избегнуваат масовни собири и да не се ракуваат и бакнуваат во знак на поздрав. Но, пред се`, владата на Мексико навремено ја алармираше Светската здравствена организација во Женева, што не секогаш е случај во слични ситуации.

Да се присетиме, кога пред шест години во Кина се појави вирусот САРС, кинеската влада стори се` за да го прикрие проблемот. Со недели одолговлекуваше со информациите. Работата помина со лесно, оти испадна дека вирусот САРС е умерено опасен. И, откако одредени видови диви животни беа отстранети од кинеското мени, не се појавија нови случаи на заболени.

Во случајот со свинскиот грип, проблемот нема да се реши така лесно. Дотолку е поважно што Мексико реагира толку рано. Така беше добиено скапоцено време, за и останатите земји да се подготват за можното пристигнување на вирусот кај нив. Вирусите на грипот имаат потенцијал за лесно пренесување, особено во време на глобална поврзаност. Не е веројатно дека од свински грип ќе заболат само жителите на Мексико и на југот на САД - потврда се најновите информации од Нов Зеланд, Израел, Франција и Шпанија.

Добрата подготвеност е клучна

SARS Seoul, Plakat, thumbnail
Пред неколку години вирусот САРС сееше страв и трепетФотографија: AP

Нема основа за паника, но има многу причини за претпазливост. Патниците од САД или Мексико мора да внимаваат на првични симптоми на инфекција и веднаш да одат на лекар, за да не заразат, несвесно и непромислено, други лица. Се разбира, и болниците во целиот свет мора да бидат подготвени. При епидемија од грип битно е на заразените да им се укаже итен третман и да се изолираат од останатите, за да се кочи темпото на ширење на епидемијата. Се` уште нема причина да се стравува од ново издание на „шпанскиот грип“, кој пред деведесет години однесе милиони животи. Но, мора да бидеме добро подготвени.

Коментар : Мартин Винкелхајде

Превод: Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска