1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да се допре до соседот Германец

5 февруари 2011

МиГазин е интернет-портал што го управуваат и во кој пишуваат претежно луѓе со миграциско потекло во Германија. Главните тематски области на порталот на германски јазик се миграцијата и интеграцијата.

https://p.dw.com/p/10Ajr
Скриншот од порталот МиГазинФотографија: migazin.de

Да се известува за миграцијата и интеграцијата од поинаков агол на гледање, од оној на мас-медиумите. Тоа беше намерата на создавачите на МиГазин, кога пред три години го заживеаја онлајн-порталот. Еден од нив е Екрем Шенол, главен уредник на овој интернет магазин:

„Кај нас, по правило, текстови пишуваат луѓе кои и самите имаат миграциско потекло и поради тоа им приоаѓаат на темите сосема поинаку од родените Германци.“

Во МиГазин се отсликуваат искуства на втората и третата генерација мигранти во Германија. Иако многумина од нив се родени тука и се чувствуваат многу добро интегрирани, медиумите досега главно говореа за нив, но многу ретко со нив. Уште поретко самите доаѓаат до збор. Тоа меѓутоа е многу важно, објаснува Шенол:

„Ако јас, како лице со турско потекло, укажам на одредени проблеми и практикувам самокритика, тоа од турската заедница во Германија ќе биде прифатено сосема поинаку. Значи, ако некој од самата заедница говори за некоја тема, самиот тој факт веќе има поинакво влијание.“

Да разбере германскиот сосед

МиГазин не е насочен само кон доселениците. Неговите создавачи сакаат пред се` да допрат до мнозинската заедница:

„Сакам всушност да допрам до мојот сосед Германец. Сакам германскиот сосед да ме разбере и да погледне во мојот свет“, вели Шенол.

Screenshot Migazin
Фотографија: migazin.de

За да се оствари оваа цел на германски јазик се преведуваат, на пример, текстови од весниците на турски јазик кои се објавуваат во Германија. Така, германските граѓани можат да видат што читаат нивните сограѓани-доселеници, со кои теми се преокупирани и како се размислува во нивната заедница.

Покрај тоа, се прават напори на онлајн-порталот како автори да се појават и Германци, без миграциско потекло. Еден од нив е Лео Брукс, учител на курсевите за интеграција од Минхен, кој пред неколку месеци му се приклучи на редакцискиот тим. Тој го подготвува прегледот на неделата кој ги опфаќа написите во весниците на тема миграција и интеграција. Меѓутоа, Брукс прво почнал како заинтересиран читател:

„МиГазин многу ми се допадна, зашто е мирен, стручен и спокоен. Постои многу добар диференциран преглед на се’ што се случува. И по долго читање и користење на порталот си помислив: зошто и самиот да не придонесам кон тоа“, вели Брукс.

100 илјади посетители месечно

Сите автори во МиГазин работат на доброволна основа. Порталот главно се финансира од донации и малкуте договори за реклами. Неговиот концепт се покажува како успешен, барем ако се погледне бројот на посетители, кои месечно кликнуваат на интернет страницата на МиГазин. Станува збор за околу 100 илјади, вели Камуран Сезер, кој е задолжен за финансиите на онлајн-магазинот:

„Допираме не само до носителите на одлуки во управата, министерствата политиката, во економијата или во истражувањето, туку концептот на МиГазин е убедлив до таа мерка, што тие се подготвени да ни‘ дадат интервјуа, да пишуваат гостински прилози и да го препорачуваат порталот“, нагласува Сезер.

Автор: Зоран Арбутина / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска