1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да се договорат целите за преговори!

Клеменс Ференкоте21 септември 2007

Американската министерка за надворешни работи, Кондолиза Рајс, бара од Израел и од Палестинците да постигнат договор околу важните цели за преговарање уште пред почетокот на конференцијата за Блискиот исток во ноември.

https://p.dw.com/p/Bi4h
Кондолиза Рајс и Махмуд АбасФотографија: AP

”Мислам дека со работата на претседателот Абас и премиерот Олмерт и нивните тимови, ќе биде создадена основа за подготовки, за да можеме да чекориме кон независна палестинска држава и на тој начин да почнеме да ги третираме конфликтните теми. Меѓународата конференција треба да биде сериозна и да има содржина”, изјави американската министерка за надворешни работи, Кондолиза Рајс.

Палестинскиот престедател, Махмуд Абас, го повтори барањето за тоа – конференцијата за Блискиот исток да даде обврзувачки резултати. Времето за основање палестинска држава е созреано, рече Абас: ”Со доктор Рајс разговаравме за многу прашања, во прва линија за мировниот процес и подготовките за меѓународната средба што треба да се одржи во средината од ноември, а на која мора да биде постигнат успех за да се почне со сериозни преговори кои на крајот ќе доведат до завршување на израелската окупација на нашата земја и на арапските земји.”

Со последната забелешка, Абас укажа на анектираната од страна на Израел, Голанска висорамнина, која Сирија ја бара назад уште од крајот на шестдневната војна пред 40 години. Палестинскиот претседател, кој во изминатите недели имаше средба со израелскиот премиер, Олмерт, од него побара постигнување согласност со временски рок за остварување кој ќе биде јасен. И Кондолиза Рајс нагласи дека американскиот претседател нема да упати покана за средба во Вашингтон која ќе биде само ”фото термин”.

Олмерт има намера со палестинскиот престедател да договори изјава за намери во која ќе биде зацртана целта – создавање палестинска држава.