1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да за ЕУ, не за еврото!

Карла Блеикер/Б. Георгиевски12 март 2013

Еврото треба да се укине, велат противниците на заедничката валута кои во Германија формираа нова политичка партија. Според нив, еврото и‘ штети на Европа, а Германија ја чини милијарди.

https://p.dw.com/p/17uxV
Фотографија: picture-alliance/dpa

Се‘ повеќе Германците не го делат мислењето на канцеларката Ангела Меркел дека „крај на еврото би претставувало и крај на ЕУ“. Според резултатите од испитувањето на јавното мислење кое го спроведе магазинот „Шпигел“ во јули минатата година, 54 отсто од испитаниците речиси и да не гледа повеќе смисол во натамошни големи вложувања во одржувањето на заедничката европска валута.

Поранешниот новинар на весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ Конрад Адам со неколку економски експерти основа нова партија под името „Алтернатива за Германија“. Оваа партија бара укинување на еврозоната и поотворена дискусија за мерките за спас на задолжените земји. Адам се жали дека позициите на противниците на еврото воопшто не се застапени во германскиот парламент.

„Кога се работи за спасување на еврото сите политички партии имаат исто мислење. Се разликуваат само во тоа колкаво количество пари треба да биде исплатено“, вели Адам.

Dr. Konrad Adam Alternative für Deutschland
Д-р Конрад АдамФотографија: picture alliance / Markus C. Hurek

Еврото ја уништува Европа

Меѓутоа, не станува збор за политички ситници: Германија во Фондот за спас на еврото мора да уплати повеќе од 20 милијарди евра. Според наводите на основачот на партијата „Алтернатива за Германија“, германските политичари ја игнорираат можноста за укинување на еврото и запирање на уплатите. Притоа, крајот на заедничката валута би било најдоброто нешто кое би можело да и‘ се случи на Европа.

„Се плашиме дека Европа не профитира од еврото, туку тоа полека ја уништува“, вели Бернд Луке, еден од основачите на партијата. Тој истакнува дека новата партија е против еврото, но не и против европското единство. Новата партија е фокусирана на укинување на еврозоната. Оттаму бараат земјите да се вратат на националните валути или да основаат монетарни сојузи. Конрад Адам смета дека е можно да се замислат северно и јужно евро.

Во април годинава ќе биде одлучено дали партијата „Алтернатива за Германија“ ги исполнува критериумите за учество на парламентарните избори кои се одржуваат во септември. Во секој случај, во партијата сакаат да ги исполнат условите до изборите за Европскиот парламент во 2014. година.

Мали шанси за новата партија

Рудолф Хикел, директор на Институтот за социјала и економија од Бремен, вели дека постојат мали шанси за успех на новата партија на парламентарните избори во Германија.

Rudolf Hickel
Рудолф ХикелФотографија: Universität Bremen

„Личностите кои стојат зад оваа партија се најдобра гаранција дека таа партија нема да влезе во Бундестагот. Се работи за професори и фрустрирани економски експерти. Доколку партијата имаше еден популистички лидер, тогаш би ја сметал за опасност“.

Овој економски експерт ја поздравува отворената дебата за мерките за спас на еврото. Но, укинувањето на еврозоната го смета за опасно. „Доколку Грција ја напушти еврозоната би добиле сиромашна земја која и натаму ќе остане во ЕУ. Во тој случај ЕУ би морала да плаќа на други места, а на крајот Грција, под притисок, ќе мора да ја напушти ЕУ. Во тој случај останатите членки на ЕУ би морале да издвојуваат повеќе пари. Тоа значително би го оптоварило европскиот проект“.

Токму во тој дел не се согласуваат членовите на „Алтернатива за Германија“. Во партијата веруваат дека германските политички елити треба да престанат по секоја цена да се држат до заедничката валута, а притоа да не придаваат значење на жртвите кои се прават за да се одржи еврозоната.