1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дајте им шанса на децата да се дружат

Милчо Јованоски19 август 2012

Летово во Охрид се одржаа повеќе кампови, а еден предизвика особено внимание. Деца од сите етникуми во Македонија, преку спортот и екологијата, се обидоа да стигнат до мултиетничко разбирање.

https://p.dw.com/p/15sWC
Фотографија: DW

Невладината Граѓанска асоцијација за рекреативно движење од Скопје, со помош на Училиштната унија од Словенија, во Македонија го спроведува тригодишниот проект „Младите преку спорт и екологија до мултиетничко разбирање и одржлив развој“. Гоце Илиевски, координатор на проектот, вели дека за да се долови мултиетничноста на земјата на летниот камп во Охрид учествуваат деца и младинци од сите етнички заедници.

Goce Ilievski
Гоце Илиевски, координатор на проектотФотографија: DW

„Преку спортот и дружењето едноставно се надминуваат секојдневните тензии, посебно ксенофобијата помеѓу ентитетите во Македонија. Целта е да ги срушиме бариерите и предрасудите и младите да престанат да живеат затворени во својот свет. Има деца кои не го владеат службениот јазик. Гледаат дека тоа не e несовладливо, тие предрасуди паѓаат и веќе се дружат меѓу себе, без разлика кој од која националност е. Со вакво дружење некои негативни состојби присутни меѓу возрасните ќе се надминат кај децата“, смета Илиевски.

Обид да се срушат етничките ѕидови – недовербата постои

Шкелзен Зенуни има 24 години и во Липково е професор по албански јазик. За отуѓеноста на младите и животот во чисто етнички средини, недовребата и злоупотребата на младите во немири вели:

„Скоро имаше такви случаи. Убиството на луѓето, тепачките во автобусите... Значи тоа беше режирано од некого. Од кого, не знаеме и ние. Но, тоа доведе до разгорување на меѓуетничка омраза. Кому тоа му е во интерес, не знаеме“.

Треба да научиме да реагираме на предизвиците, а кампов е една практична алатка за тоа, вели Шкелзен.

Radozda am Ohrid See Mazedonien
Кампот е еден од многуте што летово се организираа во ОхридФотографија: Milco Jovanovski

„Имав шанса како студент да одам во Америка и таму сум живеел со Македонци и со Срби. Предрасудите за Македонците и Србите кај нас не се добри, нема што да лажеме. Но, јас сум имал Македонец како брат. Таму живеев перфектно со него. И тоа мое искуство сакам да го пренесам на другите, дека кога се сака се може“, нагласува Шкелзен.

Налан е Турчинка од Ресен и кусо ги пренесува впечатоците од својата група. „Нема проблеми со јазикот. Ако има и се организира повторно ваков камп сите се заинтересирани да дојдат пак“, вели таа. 

Дајте ни музика и игра – така најдобро ќе се разбереме

Во активностите беа вклучени и деца со посебни потреби. За сите секој ден беше празник. Од утринската гимнастика во 7:30 часот, натпреварите во фудбал, одбојка, пливање до вечерните забави.  Кирил од Велес, Ангела од Куманово и Касандра од Шуто Оризари копнеат за нова дружба.

„Си поминуваме фантастично. Запознав многу пријатели од многу други градови и многу националности. Се надевам ќе останеме во контакт и во иднина“, вели Кирил.

„Најважно е што се држиме во форма. Тука имаме предавања преку кои учиме како да се грижиме за екологијата и да спортуваме“, додава Ангела.

„Имаше забава, дружење. Се дружевме со сите од сите националности“, објаснува Касандра.

Multiethnische Sportgruppen spielen Fußball
Младите преку спорт и екологија ги надминуваат меѓуетничките разликиФотографија: DW

Жаклина од Старо Нагоричане и Марија од Крушево се лидерки на децата Срби и Власи.

„Децата се презадоволни. Тие првпат доаѓаат и се оддалечени од цивилизација. Почувствуваа голема љубов од дружењето овде“, вели Жаклина.

„Убавото беше што секоја вечер по една група го претставуваше своето културно богатство. Според мене најубава беше ромската вечер. Девојките се облекоа во носии и направија одлична атмосфера“, објаснува Марија.

За децата Роми ова е ретка шанса да се на одмор и поради економската немоќ на родителите да излезат од дома, ни рече менторот Муарем.

„Децата ми раскажуваат дека се запознале меѓусебе, но ги запознале и религиите и културите. Тоа ќе доведе до идна заедничка дружба и да непостојат бариери, смета Муарем.

ГАРД  е дел од акцијата „Движи се“. Оваа невладина организација пред еден месец во Белрин потпиша партнерски договор за вклучување во проектот „Нови 100 милиони Европејци – физички активни до 2020-та“.