Дачиќ сигурен дека Србија ќе биде наредната членка на ЕУ
4 октомври 2013Српскиот премиер Ивица Дачиќ изрази уверување дека Србија ќе биде првата следна членка на Европската унија, како и дека очекува тоа да се случи што поскоро.
„Ние сакаме Србија да стане членка на ЕУ што поскоро. Уверени сме во тоа дека Србија ќе биде 29-та членка на Унијата, бидејќи ова и е потребно и на Србија, и на ЕУ“, изјавил српскиот премиер за СиЕнЕн.
На прашањето како го гледа решението за проблемот со Косово, Дачиќ признал дека не е лесно да се најде решение за Косово, бидејќи во оваа фаза работите веќе отишле предалеку.
„Подобро решение можеше да биде изнајдено и многу порано, со што ќе се избегнеше и војната и напнатоста во регионот. Меѓутоа, ова не е дел од нашиот актуелен дијалог. Би сакале односите да бидат нормализирани и да постигнеме конечно решение“, рекол Дачиќ, потенцирајќи дека Србија не може и не сака своите проблеми да ги внесе во ЕУ.
„Секогаш јасно укажувавме дека не можеме и не сакаме да се обидеме своите проблеми да ги внесеме во ЕУ. Тоа е уште една причина зошто го водиме овој отворен дијалог (со Приштина) да ги нормализираме односите и да ги решиме проблемите пред да пристапиме во ЕУ“, истакнал Дачиќ. Тоа меѓутоа, укажал српскиот премиер, не значи дека Србија ќе ја промени политиката кога станува збор за признавањето на Косово.