Дачиќ: Преговори со Приштина и без ЕУ
13 април 2013Претседателот на српската влада Ивица Дачиќ во интервју за весникот „Данас“ истакна дека Србија е подготвена да продолжи со директни разговори со Приштина и доколку не би имало посредници, пред се’ поради тоа што проблемот на Косово е проблем на Белград и проблем на Приштина и двете страни мора да најдат начин да го решат тој проблем.
Одговарајќи на прашањето дали е реално Србија да добие датум за почеток за преговорите со ЕУ во јуни, Дачиќ изјави дека најреално е да се престане најголемиот проблем на Србија да се врзува само за приближувањето во ЕУ.
„Ние Косово го решаваме за да можеме нормално да живееме, а не за да добиеме датум. Тој датум секако дека е наша цел, но од истата причина - да можеме нормално да живееме. Но постојано, во целиот тој процес, мора да не‘ води свеста дека Косово го решаваме поради Косово и Србија и оти мора да го решиме без разлика кога, точно на кој ден ќе добиеме датум“, нагласи српскиот премиер.