1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дачиќ: Народите се помирија, но политичарите тоа не го сакаат

ЕМФ/бета17 септември 2012

Српскиот премиер и лидер на СП на Србија Ивица Дачиќ во Бања Лука изјави дека народите во регионот се помириле меѓу себе, но дека политичарите не сакаат помирување зашто на тој начин ќе останат на своите функции.

https://p.dw.com/p/16A9S
Фотографија: DW

„Ние, дваесет и две години по распадот на Југославија, зборуваме за тоа кој е виновен и докажуваме кој е поголем Србин, Бошњак, поголем Хрват, а народите и државите ни пропаѓаат“, рече српскиот премиер Ивица Дачиќ на предизборната конвенција на Социјалистичката партија на Република Српска.

Српскиот премиер во Бања Лука порача дека не се потребни прегратки и бакнежи и истакнување на тоа кој е поголем Србин, туку „треба да се работи својата работа“ и да „му се помага на народот“.

„Една работа знам - никогаш не поддржувавме воени злосторства, никогаш не поддржувавме геноцид, никогаш на поддржувавме создавање голема Србија, туку ги поддржувавме правата на Србите каде и да живеат - во Хрватска, БиХ Србија, на Косово и Метохија“, нагласи тој.

Србите, според Дачиќ, мора да знаат што е политиката на нивната држава, истакнувајќи дека се кандидирал на изборите во Србија затоа што сакал да води „јасна, цврста и одлучна политика“. Според неговите зборови, Србија нема кредибилно место во меѓународната политика „зашто јавно говори едно“, а на друга страна не се противи на потезите на меѓународната заедница. „Јас тоа никогаш нема да го правам. Ќе сторам се‘ за Србите да живеат во мир, каде и да живеат“, порача српскиот премиер, додавајќи дека меѓународната заедница ќе ја цени само онаа Србија која јасно ќе каже „што може, а што не може“.