1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Датум за Србија на самитот на ЕУ во март?

Марина Максимовиќ/ Александра Трајковска8 декември 2012

Односите меѓу Белград и Приштина ќе бидат главна тема на разговорите за Западен Балкан кои се очекуваат идната недела во Брисел. Одлуката за почеток на пристапни преговори со Србија веројатно ќе биде оставена за во март.

https://p.dw.com/p/16yWt
Фотографија: picture-alliance/dpa/prismaarchivo

Крајот на годината во Брисел го носи декемврискиот Совет на европските министри за надворешни работи како и годишниот самит на лидерите на ЕУ, можности да се разгледа ситуацијата во земјите кои тежнеат кон пристапување кон ЕУ. Шефовите на европските дипломатии в понеделик треба да разговараат за октомврискиот извештај на ЕК за напредок на земјите кандидати, а високата претставничка за надврешни работи Кетрин Ештон ќе ги информира за развојот на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Дипломатски извори во Брисел напоменуваат дека токму односите меѓу Србија и Косово ќе биде доминантна тема на разговорите за Западен Балкан. Министрите за надворшни работи ќе подготват терен за во вторник кога се очекува Советот за општи работи на ЕУ да ги донесе заклучоците за процесот на проширување, стабилизација и пристап кон ЕУ.

За датумот за Србија исто сценарио како и за кандидатурата?

Официјални лица во Брисел оценуваат дека е направен прогрес во дијалогот Белград - Приштина и дека тоа е важно за дискусијата која се очекува меѓу државите членки по прашањето за напредок на Србија во процесот на евроинтеграциите. Истовремено, извори во Советот на ЕК сепак дополнуваат дека „разговорот на оваа тема ќе продолжи и во почетокот на идната година“. Во Центарот за европска политика оценуваат дека ЕУ „многу инвестира“ во дијалогот Белград - Приштина, но велат и дека европјаните сакаат да видат не само договори кои се постигнуваат за време на разговорите во Брисел туку и нивна примена на терен.

Hashim Thaci Premierminister Kosovo
Тачи, Ештон и Дачиќ во Брисел - договор има, но нема применаФотографија: DW

„Мислам дека ЕУ ќе сака да почека уште малку пред да и додели датум на Србија за почеток на пристапните преговори. Можно е во декември пораката да биде дека за датумот ќе се разговара наскоро, што значи да, но е потребно уште време“, вели Роза Балфур, аналитичарка од Центарот за европска политика. Таа потсетува дека тоа е веќе сторено и по прашањето за кандидатурата минатата година, кога одлуката за кандидатскиот статус на Србија од декември се пренесе во март.

БиХ најтежок проблем во регионот

Кога е во прашање напредокот на Босна и Херцеговина, европските аналитичари само ја повторуваат оценката од претходните години дека во БиХ и натаму нема напредок. Во Брисел се оценува дека БиХ станува „најтежок проблем во регионот“. Констатирајќи дека и Косово напредувало во процесот на евроинтеграции и прави конкретни чекори (студијата за изводливост за Договорот за стабилизација и асоцијација и разговорите за визна либерализација) Роза Балфур вели дека истото неможе да се каже за БиХ.

„ЕУ мора да ја консолидира европеизацијата на процесите во БиХ и да помрдне од Дејтонскиот мировен договор кон европскиот пат. Јасно е дека досегашните стратегии имаа проблеми да постигнат промени во БиХ. Но конечно единствено БиХ може да донесе промени за сама себе, и тука мораме да бидеме јасни“.