1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Данците најзадолжена нација во ЕУ

К.Харенброк/ Б. Георгиевски17 декември 2013

Поволните кредити намамија многу Данци, но сега за отплата доаѓаат големите рати, кои можат да предизвикаат бројни банкроти, да го потресат пазарот на недвижности во земјата и да осиромашат десетици илјади семејства.

https://p.dw.com/p/1Aanu
КопенхагенФотографија: picture-alliance/dpa

Мете Соренсен веќе не е задоволна од двособниот стан од 40 квадрати. Го купила пред 6 години. Банката ѝ одобрила 200 илјади евра, иако како студентка немала никакви приходи. Денес цените на недвижностите се многу паднати, нема купувачи, а вредноста на станот е помала за 60 илјади евра.

Експертите оваа состојба ја нарекуваат техничка инсолвентност. Таа и нејзиниот маж не се кредитоспособни и ќе мораат уште со децении да живеат во долгови.

„Едноставно немавме среќа бидејќи го купивме овој стан додека беше прескап. Но, од банката тогаш ни рекоа дека нема проблем и дека можеме да го купиме. А можеа и да не предупредат, да причекаме, да видиме што ќе се случи“, вели Мете Соренсен, сопственичка на стан купен на кредит

Нивната техничка инсолвентност не е изолиран случај. Во Данска се засегнати стотици илјади семејства. Предизвикувачи на кредитниот бум беа кредитите за кои должникот прво ја плаќа само каматата, а дури по 10 години треба да ја отплатува и главнината од долгот. По глава на жител, Данска е најзадолжена земја во Европа. Статистички погледнато, секој жител должи 3 и пол просечни годишни плати.

Kopenhagen im Winter
КопенхагенФотографија: picture-alliance/dpa

На економскиот универзитет во Копенхаген експертите веќе прогласија тревога. Приватните долгови можат да ги одвлечат целиот банкарски сектор, па и државата во амбис вели економскиот експерт Јеспер Рангвид: „Севкупно земено, ќе страда потрошувачката. Кога сметаш дека животот е тежок, немаш желба за купување, туку сакаш сигурност. Тоа во крајна линија ќе го погоди стопанскиот пораст.“

Во меѓувреме, банките се екстремно претпазливи со кредитите. 53 кредитни институции банкротираа, бидејќи многумина Данци веќе не можат да ги плаќаат ратите.

Мортен Брун Петерсен е советник за презадолжените Данци. Тој смета дека кредитите можат да се отплатат, но само доколку должникот не остане без работа и не дојде до пораст на каматите.

„Кризата не е помината: за многумина отплатата на главнината започнува во 2017. Тоа и до петкратно ќе ги зголеми нивните месечни трошоци“, истакнува Петерсен

Мете Соренсен се надева дека и покрај тоа ќе успее да го отплаќа нејзиниот прескап стан и дека во меѓувреме нема да остане без работа.