1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Данок на финансиски трансакции да, но кога и како?

9 јануари 2012

Почеток на нова кризна година - дуото Меркел-Саркози го подготвува претстојниот самит на ЕУ. На средбата на германската канцеларка и францускиот претседател во Берлин во фокусот беше данокот на финансиски трансакции.

https://p.dw.com/p/13gY2
Ангела Меркел и Никола Саркози денеска во БерлинФотографија: Reuters

Германската канцеларка Ангела Меркел е на страната на Франција околу воведувањето на данок на финансиски трансакции. Ако не успее вoведување на ваков данок во сите земји на ЕУ, тогаш Меркел може да си претстави и негово воведување само во еврозоната. По денешната (09.01) средба на германската канцеларка и францускиот претседател во Берлин, Меркел призна дека за ова прашање се‘ уште не е постигна консензус во владејачката коалиција во Берлин. Од француска страна, пак, во текот на изминатата недела се слушаа гласови кои бараа ваков данок да биде вовоеден дури ако е потребно и без согласност на Германија. Претседателот Никола Саркози изјави: „Ако не дадеме добар пример, тогаш нема ништо да се случи.“ Германската канцеларка најави дека конечен предлог по ова прашање треба да обелоденат министрите за финансии на ЕУ, најдоцна до март.

Merkel und Sarkozy treffen sich in Berlin PK
Фотографија: Reuters

За и против

Дебатата „за или против данок на финансиски трансакции“ се води откако е почната финансиската криза. Застапниците за вовоедување ваков данок сметаат дека тој е лек за се‘, може да го регулира шпекулирањето и да ги смири финансиските пазари, а со оглед на тоа што со средствата од него може да се кофинансираат различни пакети за спас и банките би учествувале во дел од трошоците.

Противниците на данокот на финансиски трансакции, пак, критикуваат дека банките дополнителните трошоци можат едноставно преку повисоки такси да ги префрлат на инвеститорите. Банките, исто така, предупредуваат дека во глобален финансиски свет трговците би се завртеле кон пазари каде не се оданочува.

Според Европската комисија, данок на финансиски трансакции, доколку тој биде воведен во цела ЕУ, би донесол 55 милијарди евра годишно. Според предлогот на ЕК, данокот би се вовел од 1 јануари 2014 година. Против плановите на Европската комисија се Велика Британија и Шведска. Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека неговата земја нема да воведе ваков данок. Аналитичарите оценуваат дека британскиот став е таков поради желбата да се заштити финансиската метропола Лондон. Инаку, во светски рамки, данок на финансиски трансакции отфрлаат САД и повеќето азиски земји.

Finanztransaktionssteuer Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/Daniel Karmann

Грција останува евро-земја

На денешната средба на германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Саркози се разговараше и за кризата во Грција. Германија и Франција се на став дека треба да се исплати наредната транша помош за Грција , која треба да остане во еврозоната. Меркел по разговорите во Берлин изјави дека предуслов за тоа е „владата во Атина да се држи до ветувањата“.

Автор: Елизабета Милошевска Фиданоска /дпа/ртр/афп/ард

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема