1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дамаск демантира употреба на отровен гас

ЕМФ/дв21 август 2013

Сириските власти ги демантираат наводите на опозицијата дека режимот употребил отровен гас при напади во близината на Дамаск.

https://p.dw.com/p/19TrS
Фотографија: Reuters

Опозициони активисти ги обвинуваат војниците на претседателот Башар ал-Асад дека употребиле отровен гас при бомбардирањето на бунтовничките упоришта во близина на Дамаск. Притоа, како што тврди опозицијата, убиени биле 213 луѓе. Ваквите извештаи за употреба на хемиско оружје во рeгионот Гута засега немаат потврда од независен извор.

Претходно доаѓаа информации за голем број мртви при бомбардирањето на предградијата на главниот град. Според локалните Револуционерни комитети, во тешките напади со авиони, ракети и артилерија, загинале најмалку 430 луѓе. Бројот на повредени се проценува на околу 600.

Организацијата Сириски набљудувачи на човековите права ги потврди нападите повикувајќи се на информации од лице место, но не наведе број на жртви. Таа ги повика експертите за хемиско оружје на ОН да ги посетат селата кои се бомбардирани. Во Дамаск во моментов престојува тим на ОН кој треба да ја истражи наводната употреба на хемиско оружје во сириската граѓанска војна. Владата на Асад, меѓутоа, досега на експертите им дозволи посета на само три места на кои наводно било употребено такво оружје.

Сириските власти и опозицијата се обвинуваат меѓусебно за употреба на хемиско оружје во граѓанската војна која трае две години и во која досега загинаа повеќе од 100.000 луѓе.