1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали ќе следи нов отпис на грчките долгови?

Ролф Венкел/ Жана Ацеска13 август 2013

Кратко пред парламентарните избори во Германија се разгоре старата дебата околу нов пакет финансиска помош за Грција. Поводот е извештај на Бундесбанката дека најдоцна во 2014 на Грците ќе им требаат уште пари.

https://p.dw.com/p/19Obh
Фотографија: picture-alliance/dpa

Оваа нова дебата за отпис на грчките долгови за германската влада доаѓа во сосема непогоден момент, кратко пред парламентарните избори во септември. За разлика од првиот отпис на долгови во октомври 2011 година, при кој приватните доверители мораа да се откажат од 50 проценти од своите побарувања, сега со губење на своите пари се соочени јавните доверители, со други зборови, даночните обврзници.

„Ако се сака грчките долгови да се постават на поднослива основа, тоа веројатно ќе значи нужност сегашните обврски да бидат намалени за околу 60,63 проценти, со тоа би биле загубени околу 30 милијарди евра кредити дадени од Германија. Обзнанувањето на овој податок кратко пред изборите е толку деликатно, што тој порадо се премолчува“, уверен е Торстен Полаит од Франкфуртскиот факултет за финансии и менаџмент. Германската канцеларка Ангела Меркел и министерот за финансии Волфганг Шојбле затоа со месеци како мантра повторуваат - Грција нема потреба од втор отпис на долговите, а и Министерството за финансии преку портпаролот вчера (12.08) се обиде да биде уверливо: Тројката, составена од претставници на Европската централна банка, ЕУ и ММФ пред само две недели потврди дека Грција направила напредок во примената на договорените реформски програми.

Меѓутоа, мнозинството експерти смета дека втор отпис на долговите е неизбежен, исто како и Торстен Полаит:

„Со монетарната политика на Европската централна банка во последните години јавната, но и задолженоста на банките, е претерано зголемена, така што настана ситуација на акумулирани долгови кои едноставно се веќе неотплатливи“.

Symbolbild Geld
Фотографија: picture-alliance/ZB

Грција пред себе има планина долгови во висина која го надминува за 1,6 пати вкупниот годишен економски учинок на земјата. Оваа релација расте дури и без Атина да прави нови долгови, зашто брутодомашниот производ се‘ уште паѓа - од 2008 година досега е намален за околу една петтина. До крајот на оваа година, прогнозираат експертите, грчките долгови ќе бидат за 1,8 пати поголеми од брутодомашниот производ.

„Во принцип, ние само ја одложуваме сметката се‘ повеќе за во иднина. Со отпис на грчките долгови, со нивно евидентирање во книговодството, би значело дека ние првпат ќе ги признаеме трошоците и ќе ги направиме транспарентни. Мислам дека тоа е нужна мерка која е потребна во моментов“, вели Јан Хаген, доцент на Европскиот факултет за менаџмент и технологија во Берлин. Но, постојат и некои аргументи кои зборуваат против ваков отпис на долговите. Не само што не се сака граѓаните пред изборите да бидат оптоварени со вакви непријатни вистини, туку и поради тоа што политичарите стравуваат од попуштање на реформскиот притисок и враќање кон старите навики. А крајно, може да се постави и прашањето:

„Дали нема да бидат разбудени заспаните кучиња, зашто другите држави можат да речат - ако овде повеќе пати е направен отпис на долговите, зошто тогаш не и кај нас? И ние страдаме под ова екстремно бреме“, истакнува Доротеа Шефер, директор за научни истражувања во Германскиот институт за економски истражувања во Берлин. Ако на пример Шпанија или Италија дојдат на идеја да не ја отплатат половината од своите долгови, тоа веројатно би значело крај на европската монетарна унија.