1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали шпекулантите се виновни за високите цени на храната?

Хилке Фишер/ Симе Недевски24 октомври 2013

Долго на сите им беше јасно како ден дека шпекулациите на стоковниот пазар води до раст на цените на прехранбените производи. Едно ново истражување се обидува да го докаже спротивното.

https://p.dw.com/p/1A59S

Поскапување на основните прехранбени производи и до 40 проценти, глад, социјални немири: тоа е тажниот биланс на последици на кризата која започна пред 5, 6 години. Непосредно пред тоа шпекулантите како своја златна кокошка ја открија стоковната берза, значи светскиот пазар на кој се тргува и со прехранбени производи. Многумина претчувствуваат дека тука постои некоја врска.
Даниел Хахфелд работи за Оксфам, невладина организација која се залага за правата на луѓето од сиромашните земји. Тој токму што се врати од протестите во франкфуртската банкарска населба, одржани поради шпекулациите на големите финансиски институции поради цената на пченицата, пченката и оризот. „Луѓето излегуваат на улица бидејќи знаат дека шпекулациите со цените на прехрамбените производи се дополнителен фактор кој цените на производите ги прават несигурни, поради што тие се нестабилни.“ Дури има некои шпекулативни производи за кои постои сомнеж дека го предизвикуваат растот на цените. „А тоа граѓаните не го сакаат“, подвлекува Хахфелд.
Бројни истражувања ја докажуваат оваа опасност. Сеедно, во нешто што долго изгледаше како непобитен факт, во меѓувреме некои стручњаци почнаа да се сомневаат. Стручњакот за земјоделство Томас Глаубен и неговите колеги во новото истражување дојдоа дури до спротивен заклучок: акциите на одделни финансиски инвеститори ги стабилизираа цените, но ниту во ниеден случај не ги зголемија.

Стар пазар со нови играчи

Краток поглед на историјата на шпекулации на стоковите берзи: уште во 1848. некои трговци со жито во Чикаго создадоа своја берза. Нејзина главна цел била да ги заштити трговците и земјоделците од опасност од прениски цени на пченицата. Бидејќи на почетокот на годината земјоделецот никогаш не знаел каква ќе му биде жетвата. На т.н. пазар со фјучерси не се тргувало со вистинско жито туку со хартии од вредност, кои ја одредувале цената на житото за одреден временски момент.
Од пред неколку години со овој пазар не се занимаваат само земјоделците, трговците со жито или концерните за преработка на прехрамбени производи. Тука се шпекулантите кои немаат никаква врска со земјоделството, туку ги следат исклучиво финансиските интереси и кои шпекулираат со сѐ поголеми трошоци на прехранбените производи. И тоа е многу профитабилно. Вредноста на инвестициите помеѓу 2004. и 2011. година се зголеми осум пати, на 400 милијарди американски долари.

Подобри цени благодарејќи на конкуренцијата?

Томас Глаубен и колегите го следеле влијанието на т.н. long-only-index фондови на развој на цените на пченката, пченицата и останатите житарки. Тие аргументираат дека преку овие фондови се зголемила конкуренцијата на пазарите и оти поради тоа земјоделците можат поповолно да се осигураат. „Така порасна поттикот за производите во земјоделството, што води кон поголема понуда на светските пазари“, смета Глаубен. „Тоа пак доведува до стабилизирање на цените што е во интерес на потрошувачите.“
Даниел Хахфелд од Оксфам е и натаму скептичен. Такви шпекулации се шират само на пазарите кои ионака веќе биле доволно ликвидни. Предноста за земјоделците поради тоа не е воопшто голема. Него го загрижуваат пред сѐ преголемите количества пари кои целно се инвестираат во одредени производи, посебно оние кои можат да се користат и како био-гориво. „Кога таму одеднаш ќе влезе многу капитал, постои опасност дека пазарот ќе се напумпа поради очекувањата за раст на цените“. А тоа би можело негативно да се одрази на реалните цени на производите.

Deutschland Autofahrer gewöhnen sich langsam an Treibstoff E10
Фотографија: dapd
Bauernverband mit Ernte 2013 zufrieden Leichter Anstieg bei Getreide
Фотографија: picture-alliance/ZB