1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

300310 Nordkaukasus Moskau Anschläge

31 март 2010

Трагата од бомбашките напади во московското метро, според многумина, води кон чеченското подземје и тамошните борци за независност од Русија. Како е можно тоа, ако состојбата таму е мирна, како што тврди Кремљ?

https://p.dw.com/p/Miut
Стабилност чувана со оружје!? Чеченски војник во ГрозниФотографија: dpa

Еден чеченски бегалец, кој пред половина година избегал во Германија и затоа не сака да го открие својот идентитет, тврди дека во неговата татковина не е ниту мирно, ниту стабилно. Претседателот Рамзан Кадиров владее со диктаторски методи и не ги почитува принципите на правната држава, тврди бегалецот: „Ситуацијата е катастрофална. За стабилност не може воопшто да стане збор. Тие секому можат да му најдат нешто и да го обвинат дека е сепаратист или терорист или вахабит. Оние кои набедуваат други добиваат и награда од 5.000 - 6.000 долари. Во земјата секако има уште борци на отпорот, кои се борат за независност на Република Чеченија.“

Зад Кадиров стои Путин

Анонимниот бегалец од Чеченија и самиот бил на страната на бутновниците повеќе години и тврди дека за него и неговите соборци е јасно оти претседателот Кадиров е фактички продолжена рака на рускиот премиер Владимир Путин. На исто мислење е и чеченскиот политичар во егзил, Ахмед Закајев. Тој во 90-тите години дури беше министер во владата на Република Чеченија, а сега живее како политички азилант во Лондон. „Одговорноста за она што се случува во Чеченија и во целиот регион на Северен Кавказ е кај руското раководство. Ве уверувам дека Рамзан Кадиров е апсолутно под контрола на Кремљ. А Кремљ пак му даде одврзани раце да прави што сака во Чеченија. Нашата борба за независност ќе продолжи се’ додека не се најде политичко решение, што ќе биде прифатливо и за Чеченците и за Русите.“

Achmad Kadyrow Tschetschenien
Владее со железна рака: претседателот Рамзан КадировФотографија: AP

Независност без борба?

Ахмед Закајев сака да ја оствари чеченската независност со мирни средства и го осудува насилството. Русија меѓутоа го смета сепак за осомничен терорист и бара негова екстрадиција. Закајев открива дека минатата година дури имало и тајни преговори со руското раководство, при што тој поставил три услови: „Прво, Русите треба да ни ги предадат посмртните останки на угледни Чеченци, за да можеме да ги погребаме. Второ, треба да пуштат од руските затвори 20.000 Чеченци. И трето, да престанат да ги прогонуваат роднините на чеченските бунтовници. Руската страна не сакаше да ги исполни условите и преговорите беа прекинати.“

Straßenszene in Grosny Tschetschenien
Руската армија ја напушти Чеченија: сцена од Грозни во 2004 годинаФотографија: AP

Страв во дијаспората

Закајев во меѓувреме се обидува да ја организира чеченската дијаспора и да свика Светски чеченски конгрес со барање за независност. Но, неговите сонародници во странство се плашат, вели тој, како за себе, така и за нивните роднини во татковината. И покрај тоа, повеќето Чеченци нема никогаш да се откажат од идејата за слободна и независна држава, тврди политичкиот бегалец Ахмед Закајев.

Автор: Гезине Дорнблит/ Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска