1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали случајот Вранишковски ќе ги залади односите Скопје-Белград?

Горан Петрески8 март 2006

Македонската влада на денешната седница ќе го задолжи министерството за надворешни работи да побара од српското министерство за надворешни работи проверка на информациите и документот изнесени на вчерашната прес конференција на МПЦ, за финансиска вмешаност на Белград во случајот Вранишковски.

https://p.dw.com/p/Ader
Фотографија: AP

Односите меѓу Скопје и Белград се ставени на испит откако Македонската православна црква вчера обелодени документ што покажува дека српската влада ги финансира активностите на Вранишковски во Македонија. Станува збор за документ , потпишан од српскиот министер за вера, Милан Радуловиќ, со кој на Охридската архиепископија на Јован и се исплаќаат шестипол илјади евра месечно. Објасувањето на Белград е дека станува збор за фонд, со кој се финансира културното наследство во регионот, односно епархиите на Српската православна црква надвор од границите на Србија и Црна Гора. Но, за властите во Скопје, тоа е мешање во внатрешните работи на Македонија. Македонскиот претседател, Бранко Црвенковски, рече:

“Таквите постапки на владата на Република Србија не се придонес ниту кон јакнење на добрите односи меѓу две соседни земји, ниту кон секуларизмот, за кој што декларативно се залагаат сите. Исто така на одреден начин тоа може да се толкува и како мешање во внатрешните работи на друга суверена држава. Ние,вчера заеднички заклучивме дека одредени институции, како што се Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за надворешни работи, разгледувајќи ги и утврдувајќи ја вистинитоста околу овие документи, треба да преземат определени мерки и активности во наредниот период. “

Вранишковски, кој од завчера е на слобода, е недостапен за коментар. МПЦ вчера, заедно со документот, објави и апел – да запрат ваквите активности и да почнат да се развиваат вистински, братски, добрососедски и пријателски односи. На српската влада, МПЦ и порача:

“На владата и на министерството за вера на Република Србија им порачуваме да не ги фрлаат парите собрани од сиромашниот српски народ за бесмислени цели и за личности во туѓи земји со предавнички карактеристики, и нека не се надеваат на оние кои што се откажале од своето, бидејќи тие уште побрзо ќе се откажат и од нив“, рече секретарот на Синодот на МПЦ, Ратомир Гроздановски.

Случајот Вранишковски во повеќе наврати беше причина за заладување на односите меѓу Македонија и Србија. Двете цркви со години водат спор околу името и статусот на МПЦ.