Дали сега следува банкрот на Грција?
22 октомври 2011Одобрениот кредит е во износ од осум милијарди евра и е апсолутно потребен за да се избегне банкрот на земјата. Ова е шестата транша од објавениот во мај минатата година спасувачки пакет за Грција од вкупно 110 милијарди евра, обезбеден заеднички од ЕУ и ММФ. Сега е потребно ММФ, исто така, да даде зелено светло за деблокирањето на парите.
„Се согласивме да го одобриме префрлањето на следната транша од финансиската помош за Грција во контекст на првиот спасувачки план“, се наведува во изјавата на министрите за финансии од еврозоната, кои се собраа синоќа во Брисел.
Првиот пакет помош недоволен, следува втор
Во текстот се потврдува дека се очекува парите да бидат префрлени во првата половина на следниот месец, откако ММФ ќе го даде своето одобрение.
Министрите го потврдија и ветувањето да биде подготвен втор спасувачки пакет за Грција, бидејќи првиот се покажа недоволен.
Според агенците, министрите за финансии синоќа се договориле од банките и приватните доверители да побараат отпишување на најмалку 50 проценти од нивните побарувања кон Грција, наместо досегашната бројка од 21 насто. Неодамна и т,н. Тројка од ЕУ, ЕЦБ и ММФ се изјасни за реструктуирање на грчкиот долг. Во нејзиниот извештај стои дека долгот на Грција до 2020 година може да се намали на 120 проценти од бруто внатрешниот производ на земјата, ако приватните доверители отпишат 50 проценти од нивните инвестиции во грчки државни обврзници.
Автор: ЖА/СН/дпа/миа/афп
Редактор: Симе Недевски