1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали романските крадци ги запалиле украдените уметнички дела?

Паул Туцек/Симе Недевски28 септември 2013

На групата романски крадци на уметнички дела која во ротердамската галерија минатата година украде неколку ремек-дела од светски уметници моментално и' се суди во Букурешт. Во нивното село ги знаат речиси сите.

https://p.dw.com/p/19gOY
Фотографија: picture-alliance/dpa

Животот во местото Каркалиу во подножјето на планината Доброџeа преку ноќ го промени обична пластична вреќа со 7 слики.
Заменикот-градоначалник Георге Памфил збеснува кога ќе помисли на бандата крадци од Каркалиу која ја донела вреќата, а со неа и срамот за ова место.
„Тие луѓе не можеа да се вклопат во нашата заедница. Мислеа само на себе и од ноќ во ноќ тука во селото се занимаваа со криминал. Имаат лоши дела на совеста.“

Бандата со обичен штрафцигер во октомври 2012. година влезе во уметничката галерија во холандскиот град Ротердам. За помалку од 2 минути по случаен избор украдоа слики во вредност од околу 18 милиони евра, меѓу кои и дела од Пикасо, Гоген и Матис. Романските власти ги уапсија при обидот да ги продадат сликите на почетокот на годинава.

Опасна банда

Kunstraub Rotterdam Gericht in Bukarest
Фотографија: Reuters

Една од најголемите куќи во местото му припаѓа на еден од обвинетитите. Соседите се воздржуваат од коментар.
Заменикот-градоначалник ни покажа зошто луѓето се плашат. Во изминатите години десетина куќи се запалени со молотови коктели. Жители на селото биле претепувани, а еден дури е убиен.

Овие слики објаснуваат и зошто обвинетите Раду Догару наречен Џон Дилинџер, Михаи Бицу и Еуџен Дарие не се осудени уште многу порано. Заменикот-градоначалник смета дека властите и одредени лица ги штителе. Запрени се судски постапки против бандата обвинета за претепување со смртен исход, трговија со луѓе и илегално поседување оружје, подведување.

„Случаите во кои поведовме истрага беа тепачки или изнудувања, а до нив најчесто доаѓало по неколку чаши шприцер. Во основа порано немавме никакви проблеми со нив. Проблемите се појавија кога се вратија од западна Европа. Од таму со себе донесоа некои лоши навики.“, вели јавниот обвинител Константин Балабан.

Делата не се запалени?

Kunstraub Rotterdam Analyse der zerstörten Kunstwerke
Фотографија: Reuters

Властите настојуваат да сторат сѐ за да дојдат до сликите. Меѓутоа, прашање е дали ќе успеат бидејќи мајката на еден од обвинетите тврди дека одамна ги запалила во оваа куќа спроти гробиштата, за да го ослободи својот син од одговорноста.

Таа во меѓувреме ја повлече изјавата, но доказниот материјал земен од пепелот од печката, кој е во лабораторијата на Музејот за национална историја, укажува на спротивното.

Стручњаците во него пронајдоа остатоци од платно, рачно исковани клинци и ретки хемикалии. Сепак има надеж дека се сочувани барем 2 или 3 слики, вели адвокатката на еден од обвинетите Марија Васии: „Уверена сум дека сѐ уште постојат. И мојот клиент ми гарантираше дека делата не се запалени.“

Сликите, имено, уште им се потребни на обвинетите. Тие на властите им понудија спогодба: ќе кажат каде се скриени сликите, а за возврат да издржуваат казна во холандски, а не во романски затвор.