1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Ратко Младиќ, е уапсен?

Еберхард Нембах22 февруари 2006

Веста за аспењето на Ратко Младиќ кружи од вчера попладне. И покрај сите деманти на надлежните, српските и босанските медиуми не престануваат да јавуваат за апсењето на Младиќ во Белград и за негова испорака во Хаг, преку базата на ЕУФОР во Тузла.

https://p.dw.com/p/Ac8i
Српските и босанските медиуми не престануваат да јавуваат за апсење на Младиќ
Српските и босанските медиуми не престануваат да јавуваат за апсење на МладиќФотографија: AP

Контроверзните информации околу можното апсење на босанско-српскиот екс-генерал Ратко Младиќ и натаму траат. Сите надлежни демантираа дека тој е уапсен, но босанските и српските медиуми не престануваат и натаму да тврдат дека Младиќ е на пат за Хаг.

Вчера, новинарите се собраа пред вратите на воената база на заштитните сили на ЕУ, ЕУФОР, во Тузла. Една телевизија јави дека оттаму Младиќ ќе биде однесен во Хаг, исто како и своевремено Слободан Милошевиќ.

Главниот обвинител на Хашкиот трибунал, Карла Дел Понте, преку својот портпарол го демантираше апсењето на Младиќ. Слично се изјасни и портпаролот на владата во Белград, Срѓан Ѓуриќ:

“Веста за апсењето на Ратко Младиќ не е точна. Се работи за манипулација и дезинформација која е штетна и не придонесува кон напорите на српската влада за целосна соработка со Хашкиот трибунал.“

Босанската телевизија, сепак, и натаму, секој половина час во посебни емисии јавува дека неофицијално се дознава оти Младиќ е уапсен во Белград. Српските весници денеска пишуваат дека Младиќ е во најмала рака, локализиран и дека во преговори за предавање. Има и гласини дека преговори со Младиќ се водат подолго време и дека треба да се утврдат уште само условите за негова испорака, како што е финансиската помош за семејството на Младиќ.

Српската влада самата се погрижи за тоа јавноста во Србија и Босна да биде подготвена на апсење на Младиќ. Вчера, владиниот советник, Владета Јанковиќ, за српското радио Б92 уште еднаш ги разбуди ваквите очекувања. На прашањето – дали Младиќ наскоро ќе биде испорачан, Јанковиќ одговори:

“Имам причини да верувам во тоа. Тоа не значи дека сум вклучен во какви било преговори. Тоа сакам да го потенцирам. Сите мои сознанија се од доменот на политиката, на внатрешната и надворешната политика, а не од доменот на информирање. Целата работа околу генерал Младиќ денеска е во рацете на воените и цивилните специјални служби. Политичкото решение е донесено, сега е тоа само уште техничко, а веќе не е политичко прашање.“

Главниот обвинител на Хашкиот суд, Карла Дел Понте, постојано и префрла на српската влада дека не прави доволно за апсење на Младиќ. Притисокот го зголеми и ЕУ. На средбата на министрите за надворшени работи на унијата, наредната недела, решението за тоа дали со Србија ќе се почнат преговори за стабилизација и асоцијалција, би можело да биде условено од апсењето на Младиќ. Во меѓувреме, според радиото Б92, за испорака на Младиќ е и мнозинството од српското население.