1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали пожарот во Хамбург беше подметнат?

АТ/ ндр7 февруари 2014

Во дом за бегалци и баратели на азил во Хамбург во средата (05.02.) изби пожар во кој загинаа три лица. Полицијата не исклучува технички дефект, ниту пак можноста пожарот да бил подметнат. Истрагата е во тек.

https://p.dw.com/p/1B4eo
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во пожарот, кој се случи во средата вечерта, во една станбена зграда во населбата Алтона во Хамбург животот го загубија 33 годишна мајка и нејзините два сина на возраст од шест и седум години. Полицијата и државното обвинителство на Хамбург отворија истрага поради соменвање дека пожарот бил подметнат. Досега немало укажувања дека пожарот има хсенофобична заднина, изјави портпаролка на полицијата, но тоа не можело да се исклучи.

Една детска количка, која стоела во влезот на зградата, инаку сместувалиште за бегалци и баратели на азил, имено се смета за можно жариште за пожарот. Меѓутоа сѐ уште неможе да се исклучи ниту евентуален технички дефект на таблата со струјни осигурувачи како причина за пожарот, рече вчера портпаролот на полицијата Холгер Ферен.

Полицијата состави специјална комисија. Како што денеска соопшти една портпаролка, службениците во меѓувреме ги обработуваат и анализираат исказите на сведоците. Исто така службата за крим-техника ги испитува предметите кои беа пронајдени на местото на несреќата.

Вчеравечер пред домот се собраа околу 200 луѓе. Тие им оддадоа почит на жртвите, поставија свеќи пред местото на несреќата и положија цвеќиња и венци.

Пожарникарските екипи оценуваат дека пожарот во домот бил еден од најлошите во последните години во Хамбург. 27 жители во зградата се повредени, според досегашните сознанија на полицијата, 15 од нив биле пренесени во болниците. Повеќето од жителите во средата вечер брзо беа спасени, но кога пожарникарите стигнаа до поткровјето ги пронашле трите безживотни тела. Лекарите од брза помош не можеле да ги реанимираат жртвите. Жената и децата очигледно се обиделе да побегнат низ ходникот на петкатната зграда. Таткото на децата бил на работа кога избил пожарот. Нему му се пружа психолошка помош.

Жртвите според германскотот радио НДР биле бегалци од Пакистан, кои градот ги сместил во домот. Семејството од 2002 година живеело во Хамбург. Во станбениот објект живееле вкупно 46 лица, од Пакистан Авганистан и Русија. Исто така таму биле смесетени и некои бездомници.