1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Македонија доволно се бори против корупцијата?

5 април 2010

Илми Селами, новиот претседател на Антикорупциската комисија тврди дека тимот што го раководи има ист аршин за сите, и дека Антикорупциската комисија работи врз основа на закон.

https://p.dw.com/p/Mk1F
Фотографија: dpa/Montage DW

ДВ: Господине Селами се согласувате ли со впечатокот на стручњаците дека Комисијата за спречување на корупцијата треба да се занимава со случи кои ги продуцира актуелната власт, а не некои поранешни власти?

Селами: Ние согласно законот сме обврзани да работиме на секоја индикација, сознание, добиено по најразличен пат, кое укажува на какво било коруптивно дејство. Ние тоа го правиме.

ДВ: Подготвени ли сте да зборувате за конкретни случаи?

Селами: Секако, отворивме предмет за случајот со потпретседателот на Владата Васко Наумовски поради постоење на индикации во јавноста, дека има судир на интереси. Ние тоа ќе го провериме и многу скоро ќе се огласиме со заклучок. Значи, без оглед за кого станува збор и на која позиција се наоѓа, ако постојат укажувања дека е можен судир на интереси или корупција, станува предмет на наша обработка.

ДВ: Дали можете да обелодените и друг случај на кој работи Антикорупциска комисија?

Селами: Работиме на извештајот за успешноста на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции. Има повеќе елементи во делот дали луѓето кои работат во Агенцијата ги исполниле целите и обврските што ги презеле со закон и за што ги трошеле парите. Ние ќе го разгледаме случајот од тој аспект. Поднесовме иницијатива за кривично гонење на Џорџе Арсов, поранешен градоначалник на Кисела Вода, кој е виден член во владеачката партија. Од друга страна имаше предмет и за гуверерот на НБРМ Петар Гошев, за кого ние утврдивме дека нема коруптивни елементи во неговиот предмет. Не случајно ги споменувам овие две имиња. Ние немаме различни аршини во однос на тоа за кој човек, за кое службено лице станува збор, туку едноставно има закони, кои ги спроведуваме.

ДВ: На кое ниво и во која сфера има најмногу корупција во Македонија?

Селами: Со оглед на оскудноста на буџетските средства со кои располага Антикорупциската комисија, не успеавме да направиме релевантно испитување на јавното мислење, но ако се цени според бројот на предмети, кои пристигнале мора да кажеме, се за коруптивни дејства во правосудните органи, потоа државните органи и локалната самоуправа.

ДВ: Се согласувате ли со оценката на меѓународните институции дека Македонија не доволно се бори против корупцијата?

Селами: Морам да констатирам дека Македонија направила доста во однос на борбата против корупцијата. Создадена е солидна легислативна и институционала рамка, почнаа да се произведуваат ефекти во битката со корупцијата. Ова не смее да не задоволи, туку да биде импулс да работиме повеќе на ефектуирање на нови случаи.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска