1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали книгите за деца мораат да бидат политички коректни?

Оливер Гласенап / Александар Методијев4 април 2013

Една дискусија во моментов ја поларизира германската нација. Не станува збор за покачување на даноците или за складирање на нуклеарен отпад, туку за книгите за деца.

https://p.dw.com/p/17e3l
Фотографија: picture-alliance/ZB

Родителите одамна им читаат на децата од класичната детска литература, но во тие книги има зборови кои во времето кога настанала книгата биле непроблематични, а денес се сметаат за политички некоректни. Еден издавач најави дека текстот во детските книги ќе го прилагоди со изрази кои денес се користат.

Кога Пија Лир му чита на тригодишниот син Магнус, внимава тој да не слушне зборови што не треба да ги чуе.

„Тоа беа црнци од племето на поглавицата Кукуду, за кого можев да ви раскажам толку многу добри работи во мојата книга ’Меки кај црнците’“.

Таа му прочита за црнци, иако во оригиналниот текст стои поинаку: „Меки кај црнокошците“. Тој израз „Негер“, односно „црнокошците“ повеќепати се споменува.

„Не го користам тој израз, бидејќи знам дека е дискриминирачки и затоа го испуштам, оти не сакам Магнус да го прифати во својот речник“, вели Пија Лир, мајка на Магнус.

Приказната воопшто не е расистичка. Напротив, јунакот Меки се ужасува дека неговите пријатели паднале во заложништво на трговци со робови. Изразот „негер“ со децении во Германија важеше за непроблематичен, но времињата се променија. Оваа книга сега ќе се преработува. И во делото „Малата вештерка“ го има истиот збор „негер“. Во иднина овој израз треба да биде заменет. На едно место во книгата веројатно ќе се замени со „добри самовили“.

Buchcover Die kleine Hexe Debatte zum Rassismus in Kinderbüchern
Новото преработено издание на „Малата вештерка“ ќе излезе од печат во јулиФотографија: picture-alliance/dpa

Такви промени веќе се извршени во класиците како „Пипи долгиот чорап“ од Астрид Линдгрен или „Хаклбери Фин“ од Марк Твен. Во „Пипи долгиот чорап“, на пример, „негерпринцезата“ стана принцезата од Јужното море, а во оригиналот на „Хаклбери Фин“ од „црнокожец“ стана „роб“. Против таквите интервенции во литературата за деца се раѓа отпор.

„Ова е цензура, дали е нормално? Возрасните не би дозволиле цензура, ако издавачите би бришеле или би преработувале делови во таканаречените книги за возрасни. Тогаш сите возрасни би се кренале против тоа“, вели Волфганг Бернзен, портпарол за култура на пратеничката група ЦДУ/ЦСУ.

На интернет изби бран од револт. Но, постојат и литературни критичари кои имаат разбирање за планираните промени.

„Тоа не го сметам за форма на цензура или избрзана послушност, туку за многу либерално сфаќање на општеството. Тоа подразбира, кога се зборува, да се знае што значат зборовите, да се биде на чисто каков инструмент е јазикот, дека јазикот може да биде инструмент за угнетување, инструмент на моќ, и дека тоа мора да се рефлектира и да се промени“, вели колумнистот во „Шпигел онлајн“ Георг Диц.

Новото издание на „Малата вештерка“ ќе излезе во јули. Изразот „негер“ веќе не ќе може да се прочита. Пија Лир нема да му ги купува на Магнус преработуваните книги за деца. Кога ќе биде повозрасен и самиот ќе чита, таа сака да му објасни од кое време потекнува некој израз како „негер“ и зошто денес повеќе не се користи.

„Мислам дека е возбудливо, бидејќи преку тоа се сфаќа и како светот еволуирал“, вели Пија Лир, мајката на Магнус.

Таа верува дека еден ден Магнус ќе добие осет за тоа што е политички коректно, а што не е.