1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали и курсната листа го покажува „курсот“ кон соседите?

Катерина Блажевска5 јануари 2014

Бизнисмени од земји во регионот предлагаат употреба на нивните валути во Македонија, а македонски стопанственици бараат еврото да стане втора валута во земјата.

https://p.dw.com/p/1AlQm
Фотографија: picture-alliance/dpa

Земјите во регионот, со кои Македонија има голема флуктуација на луѓе и интензивна трговска соработка, се‘ почесто го отвораат прашањето за употреба на нивните валути во Македонија. Темата е актуелна повеќе години, но исто толку години се држи под „низок интензитет“. Тоа го отвора прашањето – дали причините за молк и отсуство на реакција се монетарни или политички? Дали и курсната листа на некој начин го покажува „курсот“ кон соседите?

Албански лек, бугарски лев, српски динар, турска лира... Ова се валути кои не се разменуваат во Македонија. Студенти или туристи кои доаѓаат во Македонија од Србија, Турција, Албанија и Бугарија, до македонскиот денар доаѓаат преку размена на евра, американски долари, швајцарски франци... Истото важи и за Македонците кои престојуваат во овие земји. Експертите тврдат дека причините за ваквата состојба се исклучиво монетарни. Од македонските банки објаснуваат дека тие се раководат од курсната листа на Народна банка на Република Македонија (НБРМ), на која ги нема валутите на соседните земји.

„Комерцијална Банка АД - Скопје не врши откуп на неконвертибилни валути, како на пример српски динари, бугарски левови, турски лири, поради тоа што овој вид валути не се наоѓаат на курсната листа на НБРМ, па соодветно на тоа ги нема и во курсната листа за менувачко работење на банката. А, доколку банката ги откупува и мора самостојно да го организира откупот од страна на странските банки од земјите во кои се присутни тие валути, трошоците би биле високи и значително би ја поскапеле услугата за менувачко работење со овие валути", објаснуваат од банката.

Ако самостојниот откуп на овие валути ги зголемува трошоците на банките, тоа значи дека проширувањето на курсната листа не е можно без одлука на монетарните власти на земјите и без соодветни гаранции.

Symbolbild Spende Geldgeschenk
Oколу 60 отото од светските девизни резерви се во долариФотографија: Fotolia/Africa Studio

Притисок од бизнисмени

Но, притисокот за употреба на валутите на соседните земји не доаѓа само од наши студенти во соседните земји или од нивните студенти во Македонија. Тие само гласно го кажуваат проблемот, кој на „терен“ се‘ повеќе го актуелизираат банките и стопанствениците. На еден од турско-македонските бизнис форуми, што се одржа во Скопје, беше побарано турската лира да биде конвертибилна во Македонија, што би помогнало уште повеќе да се унапреди размената и соработката меѓу двете земји, особено поради планирани нови турски инвестиции на подолг рок. Неодамна и една турска банка доставила исто барање. Од НБРМ засега не навлегуваат во експликација на односот кон поединечни барања, но најавуваат дека ќе ги разгледаат можностите за проширување на курсната листа.

„Народната банка веќе одреден временски период ги разгледува можностите за евентуално проширување на курсната листа со нови валути. Од аспект на критериумите кои се анализираат за вклучување на нови валути, пред се‘ се зема предвид насоченоста на нашата земја кон евроинтеграциските структури, од економска и поширока перспектива. Во таа смисла, и одредени држави од окружувањето, со кои Република Македонија има надворешно-трговска и друг вид соработка, би се разгледале од аспект на исполнување на овие критериуми“, велат од НБРМ.

Оттаму потсетуваат дека согласно со Законот за девизно работење, средните курсеви од Курсната листа на Народната банка се користат за книговодствено искажување на побарувањата и обврските изразени во странски средства за плаќање. Народната банка на крајот од секој работен ден објавува Курсна листа во која се содржани средните курсеви на десет валути, кои се најтргувани во светски рамки. Со некои од тие валути се одвива и најголемиот дел од надворешно-трговската размена на Македонија со странство, при што доминира размената во евра, а потоа следува размената во американски долари.

Еврото како втора валута?

Ова прашање е актуелно и меѓу домашните стопанственици. Но, ако проширувањето на курсната листа со валутите на соседните земји за банките е скапо, а за тоа монетарните власти се‘ уште не се изјаснуваат, тие предлагаат нешто „поконкретно“ - воведување на еврото како втора валута во платниот промет во земјава. Арбен Халили, извршен директор на Стопанската комора на северозападна Македонија, ги објаснува причините за таквото барање.

„Воведувањето на двовалутен систем во земјата пред се‘ го гледаме како добра можност за развој на економијата, за развој на деловните трансакции и, што е најважно, како олеснување на работата на компаниите кои повеќе се фокусирани на трговија, односно на увоз и извоз на стоки и на услуги. Тргнувајќи од фактот дека во земјава имаме и голема флуктуација на студенти што доаѓат од земјите од регионот, сметаме дека позитивно ќе влијае воведувањето на уште една валута во платниот промет. Притоа, да не заборавиме дека и одреден процент од нашето население живее во земји на Европа, па и пошироко. Затоа, нашето барање што го истакнавме на последниот состанок со премиерот Никола Груевски беше и еврото да се воведе како валута, која би се користела во секојдневната купопродажба. Тоа нема да има никакво негативно влијание ни врз вредноста на домашата валута, а сепак ќе ги зголеми девизите во земјата, што од друга страна може да биде показател за стабилна економија, но и атрактивно за туристите“, вели Халили.

Griechen in Gevgelija
Курсна листа и за валутите од соседните земји ќе им го олесни престојот и на туристите и на студентитеФотографија: DW

Неопходна флексибилност

Според најголем дел од експертите, ризиците се најмали ако се употребуваат конвертибилни валути со кои се вршат меѓународните плаќања - со „резервната валута“ долар, со евра, фунти, франци... Но, дел не се согласуваат со ваквиот став. Според нив, тоа доведува до ситуација огромен број од земјите кои ги прифатиле обврските од ММФ за практицирање на „надворешна конвертибилност“ да не се трудат соработката со странство да ја развиваат и преку плаќање со сопствена валута, со што рефлектираат само „внатрешна конвертибилност“. Тие сметаат дека последиците од функционирањето на ваквиот тип на конвертибилност на денарот се повеќекратно негативни. Соработката со странство се остварува во рамките на можностите да се стекне некоја од резервните валути, а не од проценката дали со определена трансакција се остварува максимален профит. На пример, во некоја земја може да се оствари поголема заработувачка со извоз, но таа зделка не се остварува затоа што земјата не може да плати со некоја резервна валута, а во стабилноста на нејзината национална валута не се верува.

Денес околу 60 отото од светските девизни резерви се во долари, околу 20 отсто во евра, а остатокот во други конвертибилни валути. По почетокот на финансиската криза во САД, во 2009 година Русија побара да биде зголемен бројот на светски резервни валути и во нив да се вклучат кинескиот јуан, индиската рупија и руската рубља. Четири години подоцна се почесто се навестува дека кинескиот јуан може да стане светска резервна валута, имајќи го предвид неговиот се’ поголем конвертибилен потенцијал. Но, ако еден македонски турист денес се врати од Кина со остаток од јуани, не ќе може да ги размени во земјава. Експертите велат дека флексибилноста и антиципирањето на процесите, се сметаат за најзначајни фактори при креирањето на монтерната политика. На потег е НБРМ.