Дали ЕУ ги затвора вратите за Западниот Балкан?
15 март 2013Во Лајпциг се водеше жестока дебата. Од една страна критичари на политиките на ЕУ, како хрватскиот филозоф и колумнист Среќко Хорват:
„Откриен ви е тумор. Но добрата вест е дека страдате и од Алцхајмерова болест, па туморот брзо ќе го заборавите. Во случајот на Хрватска, лошите вести се финансиската криза и големиот број корупциски афери. Добрата вест е дека земјата наскоро ќе стане членка на ЕУ“, вели Хорват. Тој го цитираше и поранешниот италијански премиер Марио Монти кој во една прилика рече дека „станува здодевно да се има сигурно постојано работно место и дека се потребни флексибилни работници“.
На ваквите ставови се спротивстави Ханс-Јирген Акст, германски експерт за Балканот.
„ЕУ не е виновна за невработеноста во Шпанија или Хрватска. Невработеноста порасна затоа што бројни земји на ЕУ неразумно функционираа, не беа конкурентни и не ги контролираа финансиските пазари“, вели професорот Акст.
Евроскептицизам
Новинарот Драгослав Дедовиќ и Хорват сметаат дека поради проблемите во самата ЕУ, се’ е потешко да се уверат жителите на Западниот Балкан во европската перспектива. Беше цитирана изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел од минатата година која порача дека по влезот на Хрватска, ЕУ ќе го намали темпото на проширување.
„Во ваква ситуација би било несериозно канцеларката да ветува датуми и да лицитира дали некој ќе влезе во ЕУ во 2017. или 2023 година. Такви ветувања не можат да се очекуваат од ниту еден одговорен политичар“, одговори Акст. Тој сепак ги критикува европските лидери поради тоа што не ставаат јасно до знаење дека „вратите на проширувањето остануваат отворени“.
„Државите кои сакаат во ЕУ треба да продолжат да се прилагодуваат на овдешните стандарди, а ние треба да продолжиме да се прилагодуваме на нивните посебности. Не‘ очекуваат времиња кои нема да бидат динамични кога е во прашање проширувањето на ЕУ, но не смееме да им ја одземеме сета надеж на земјите кои тежнеат кон членство“, вели Акст.
Подготвеност за реформи
Дедовиќ го нарекува „игра на движечки мети“ оставањето на Србија, БиХ, Македонија, Црна Гора, Албанија и Косово во европската чекалница. Тој го наведува примерот на Кипар кој беше примен во ЕУ иако и тогаш постоеја две „паралелни“ држави на мал простор. Дедовиќ верува дека Кипар, како и Романија и Бугарија, биле експресно примени од геостратешки причини, за да се обезбеди излез на Црното море и до изворите на нафта, а во истовреме да се блокира влијанието на Русија.
Акст објаснува дека за ЕУ голема поука бил приемот на 12 нови членки од 2004. до 2007. година. „Тогаш се навиваше се’ да биде добро. Но стана јасно дека со ЕУ доаѓаат и болни реформи, барање да се биде конкурентен и да се намали државниот апарат“, вели Акст. За Дедовиќ, токму објаснувањето дека „ЕУ се изгорела со приемот на Романија и Бугарија“ е причина за раст на антиевропското расположение на Западниот Балкан.
Но, според Акст, во тој случај легитимно се поставува и обратното прашање: не дали Европа сака нови членки, туку дали земјите аспиранти навистина ги исполнуваат условите: „Разни популисти кои се наоѓаат на власт во некои земји воопшто не планираат да ги спроведат реформите“.