1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Европа на две брзини е поблиску?

15 декември 2003
https://p.dw.com/p/AcRP
Не стивнуваат реакциите за неуспехот на самитот на Европската унија од минатиот викенд. Полска и Шпанија опстојуваа на договорот од Ница кој нив во споредба со населението им обезбедува несоодветно многу гласови во Советот на министрите. Германија, Франција и други напротив, бараа спроведувањето на уставот на начин повеќе да се обрне внимание на бројот на населението. По завршувањето на самитот, германскиот канцелар Герхард Шредер и фарнцускиот претседател Жак Ширак јасно ставија на знаење дека може да се случи Европа на две брзини. Имено, дека без заеднички устав одделни земји-членки по сопствена иницијатива можат да ја засилат меѓусебната соработка. Полска излезе еден од грешниците што самитот пропадна. Нејзиниот премиер Лешек Милер играше една од главните улоги во неуспехот на самитот во Брисел.

Еврокомесарот одговорен за проширувањето на Унијата Гинтер Ферхојген смета дека неуспехот ја турна Унијата во криза, но не и во катастофа. Тој не смета дека треба да се трага по виновник, како што изјави за германското радио во Варшава и побара стрпливост во однос на Полска: "Би требало да се обидеме да разбереме дека еден член- основач како Германија хармонично и природно растеше со процесот на европската интеграција и чекор по чекор можеше да се адаптира на развојот, додека Полска сега скокна во студена вода и затоа советувам стрпливост". Ферхојген упатува остри критики на адреса на италијанското претседателство зашто временскиот притисок според него, беше сосема непотребен:

"Немаше никаква причина безусловно работата да се заврши во оваа година, освен чистата симболика дека оваа најважна промена на римските договори се случила во времето кога Италија претседава. Инаку, беше јасно дека, ако не може поинаку, во наредните неколку години ќе мораме да живееме со Ница. Затоа советувам да се договори нов возен ред".

Ирското претседателство во првото полугодие од наредната година намира ќе може да ги сондира можностите за компромис. Ферхојген е против заканите за Европа на две брзини. Таа идеја, патем, не е нова. Овој поим се појавува секогаш кога процесите на интеграција во ЕУ ќе се најдат во ќорсокак, како сега по Брисел. Прашање е дали одделни шефови на држави или влади мислат сериозно или станува збор само за закана за да се смират блокирачите?

Францускиот претседател Ширак не остава простор за никаков сомнеж дека тоа е групата пионери кои сакаат идејата Европа побргу да ја достигнат, отколку Шпанија или Полска, или дури Велика Британија. Јадрото на Европа Ширак сака да го гради со својот голем пријател канцеларот Герхард Шредер со кого по заедничката опозиција против војната во Ирак негува многу блиски односи. И Шредер на тој план размислува подеднакво:

"Ако не се супее во соодветно време да се заврши уставниот процес како што е предвидено од Конвентот, тогаш една од консеквенците ќе биде Европа со две брзини".

Белгија, Холандија и Луксембург како држави-основачи на Унијата, но и Австрија, Унгарија и Чешка ја искажаа својата волја да му се приклучат на германско-францускиот мотор. Полскиот министер за надворешни работи Влоџимјеш Чимошевич признава дека секоја земја има право на засилена соработка, но предупредува: " Сепак мора да се знае дека ако некој оди предалеку, постои ризик за натамошната интеграција. Таа е важна за сите нас, а не само за оние што влегуваат во Унијата". Претседателот на Европскиот парламент Пат Кокс одбива формирање пионерска група:

"Мора да бидеме сигурнио дека идна Европа нема да поставува вештачки линии на делба и дека идејата Европа не е нечија сопственост".