1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Euro Krise

26 ноември 2010

Најновите изјави на германски и европски политичари поврзани со судбината на еврото предизвикуваат страв. Дали ваквите предупредувања се оправдани?

https://p.dw.com/p/QIE9
Фотографија: DW

„Доколку настрада еврото, тогаш ќе настрада и Европа“ - оваа реченица толку и’ се допадна на канцеларката Ангела Меркел, што ја повтори веќе во три пригоди. Но, ваквите и други изјави не стануваат поверодостојни ако често се повторуваат. Еве што велат фактите:

Прво, некоја валута не може да пропадне се’ додека некој ја смета за соодветно платежно средство. А тоа во случајот на еврото го прави целиот свет.

Второ, не сме соочени со криза на валутата, туку со криза на државните финансии на некои земји од евро-зоната.

Трето, наспроти очајната состојба на буџетите на некои од земјите членки на зоната, еврото се покажува како многу стабилно. Денес за едно евро се добиваат 1,36 долари. Уште пролетоска курсот беше 1,20, а можеме да се потсетиме и на времињата кога еврото котираше дури и пониско од доларот. Сето тоа еврото го преживеа и никој поради тоа не спомна пропаст на заедничката валута.

Redaktionsfoto der Wirtschaftsredaktion, Rolf Wenkel
Авторот Ролф ВенкелФотографија: DW

Даночниот обврзник во фокусот

Зошто се тогаш сите овие драматични предупредувања и дури театрални закани? За нив има само едно објаснување: тие треба да го смекнат даночниот обврзник во Европа и да го убедат дека е дел од судбинската заедница наречена „евро“ и затоа треба да принесе жртви за неговото спасување. Кога пролетоска беше создаден огромниот „заштитен чадор“ за еврото во висина од 750 милијарди евра, тогаш политичарите ни објаснуваа дека веќе создавањето на овој заштитен пакет ќе ја стабилизира ситуацијата на берзите и дека средствата никогаш нема ни да се исползуваат.

Празни ветувања

Но, сега дојде мигот разни земји да посегнат по средствата кои доаѓаат од државните буџети, значи и од нашите даночни обврски, а политичарите се мачат да ни дадат какво-такво објаснување за прекршените ветувања. И не им е лесно да ни објаснат зошто даночните обврзници од земјите членки на евро-зоната треба да учествуваат во спасувањето на банките и финансиските системи на одделни земји, додека банките на тие зделки многу добро заработуваат. Само германските банки до сега дале кредити во вкупна вредност од 300 милијарди евра за земјите со буџетски проблеми како што се Грција, Шпанија, Португалија и Ирска и при тоа заработуваат дебели пари. Ваквата ситуација покажува само дека на евро-зоната и’ се неопходни законски регулирани процедури за банкрот на земјите членки. Тие ќе бидат болни за банките и доверителите, кои заработуваат од државните обврзници, но затоа ќе им овозможат на земјите со буџетски проблеми нов почеток.

Затоа сите страшни сценарија се неоправдани. Еврото ќе остане и во иднина пожелно средство за плаќање и тоа во целиот свет.

Автор: Ролф Венкел

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска