1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали абортусот е кршење на човековото право на живот на неродените деца?

Свето Тоевски10 декември 2012

Денеска во светот се одбележува 10. декември Меѓународниот ден на човековите права. Дебатата за и против абортусот се’ повеќе се наметнува и меѓу конзервативците и либералните сили во Македонија.

https://p.dw.com/p/16yxD
Фотографија: picture-alliance/dpa

Според невладината организација „Ревита“, „треба да му се даде приоритет на правото на живот на плодот, кој треба да се заштити како човечка личност“, со барање таквиот закон да биде донесен во 2013 година. „Отсуството на морална и правна заштита на плодот во стомакот на мајката, како и на гаранција за неговиот живот, ги прави бесмислени сите декларации за заштита на животот. Бројот на абортусите во земјата е речиси ист со бројот на живородените деца. Во една година, во 2008-ма, се извршени 30 илјади прекини на бременоста, регистрирани и нерегистрирани, односно, легални и нелегални, а за десет години имало 300 илјади абортирања“, наведува „Ревита“.

Професорот по социологија Сунај Раими од Државниот универзитет во Тетово смета: „Не е добро ниту целосно да се забрани абортусот, ниту целосно да се легализира и на некој начин можеби и да се популаризира. Можеби ќе биде потребно Владата и компетентните органи, кои се занимаваат со планирање на семејството, уште повеќе да го обусловат легализираниот абортус, да се специфицираат деталите во кои околности може да се дозволи мајката да абортира, во случај на несакана бременост.“

Кога плодот е човечко суштество – од зачнувањето, или по 4-5 месеци?

Лани и годинава се зачестени активностите и на други невладини организации и јавните истапувања на активистите за заштита на правото на живот на неродените бебиња како на нивно основно човеково право. На прашањето дали постојат какви било макар и навестувања дали ќе има некакви евентуални заострувања на постојната законска регулатива околу абортусот, кој е дозволен во точно одредени случаи, од Министерството за здравство велат дека „не се планираат промени во таа регулатива“.

Symbolbild Embryo im Mutterleib Ultraschall
Ембрион во мајчина утроба - преглед со ултразвукФотографија: Fotolia/ ingenium-design.de

Што велат експертите денес кога се одбележува 10-ти декември, Меѓународниот ден на човековите права, во врска со правото на живот на неродените деца и човековото право на нивните мајки самите да можат да изберат дали и кога ќе ја прекинат таа бременост?

Мирјана Најчевска, експерт за човекови права од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања од Скопје е категорична: „Моментот кога се забранува слободното одлучување за животот на суштеството, кое се развива во стомакот на мајката, е оној кога тоа суштество може да опстојува надвор од телото на мајката со помош на најсовремената технологија што постои во светот. Тој момент е определен меѓу 4 и пол и 5 месеци од зачнувањето. Заради тоа, правниците рекле: до тој момент, додека плодот не може да живее самостојно надвор од телото на мајката, дури и со помош на современата наука и медицина, нема да го сметаме како човечко суштество, туку како дел на друго човечко суштество.“

Mirjana Najcevska
Мирјана НајчевскаФотографија: Mirjana Najcevska

Емилија Јашовиќ-Сивеска, доктор на медицински науки од Битопа и експерт за хумана репродукција, прецизира: „Срцето на бебето почнува да чука некаде околу 21-виот или 24-тиот ден од оплодувањето. Кога би го сметале како суштество и без ризици за здравјето на мајката, прекинот на бременоста се изведува до 10-тата недела.“

„Абортусот не може да биде ’алатка’ за зголемување на наталитетот“

Дали може промените во законот за абортус да бидат „алатка“ за зголемување на наталитетот, посебно кај македонскиот етникум? Хелсиншкиот комитет за човекови права лани остро ја нападна Владата поради нејзината кампања „Избери живот“, како „насочена против абортусот“, оценувајќи: „Кампањата ги загрозува репродуктивните права на жените и правото на избор. Со голема леснотија се употребуваат зборови како ’насилно’ и ’убиство’ за прекинувањето на бременоста, не водејќи сметка дека со тоа жените се стигматизираат како ’насилнички’ и ’убијци’.“

Професорката Најчевска коментира: „Никогаш и никаде забраната на абортусот не се користела како ’алатка’ за зголемување на наталитетот. Секое негово издигнување на ниво на орудие за постигнување поголем наталитет е директно уривање на концептот на човековите права.“

Verhütung Geburtenkontrolle Pille Kondom Schwangerschaft Kontrazeption
Контрацептивни средстваФотографија: picture-alliance/dpa

Гинекологот Јашовиќ-Сивеска заклучува: „Јас не сум за тоа абортусот да биде метода за планирање на семејството. Постојат други методи. Во земјите на Западна Европа многу е повисок бројот на кориснички на контрацептивни пилули, а многу е помал процентот на абортуси. Во Македонија е спротивно. Целта на планирањето на семејството е да се роди сакано дете, на кое ќе му се овозможи нормален и среќен живот, а не тоа уште од самото доаѓање на свет да носи голем товар и низа проблеми во поглед на неговото растење, воспитување и негување. Бројни се факторите, кои ќе ја натераат една жена да ја прекине бременоста.“

Продолжува да опстојува длабоката поделеност во земјата околу абортусот и третманот на човековиот фетус и на неговата мајка. Останува да се види дали државата ќе се вмеша во тоа прашање преку неговото позаострено регулирање, или не.